Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје доаѓа со две добри вести за Македонија.Првата се однесува на финансиски пакет вреден 50 тина милиони евра со кои треба да им се помогне на граѓаните, стопанството и јавните институции полесно да го претрпат ударот кој го носи енергетската криза.
ЕК неодамна одлучи на Западниот Балкан да му додели 500 милини евра со кој ќе им се помогне на овој регион да го ублажи социо-економскиот удар од енергетската криза. Точната сума на пари која ќе и биде дадена на нашата земја од овој пакет тежок половина милијарда евра се уште не е позната и ќе биде обзнанета на прес конференцијата која вечерва во 19 часот претседателката на ЕК ќе ја одржи со премиерот Ковачевски во Владата.
Според извори во владата пакетот за Македонија би требало да содржи меѓу 50 и 70 милиони евра. За време на посетата на фон дер Лајен на Скопје ќе биде потпишан и договорот Фронтекс кој ја дефинира соработката на Македонија со ЕУ во однос на заштита на границите од илегални премини.
Овој договор беше 4 години подложен на вето од Бугарија во Советот на министри на ЕУ за внатрешни работи поради противењето на официјална Софија овој договор да биде потпишан на македонски јазик. Таканарчениот француски предлог усвоен во македонскиот парламент во јули го деблокираше потпишувањето на договорот Фронтекс кој пред десет дена доби зелено светло во Советот на министрите.
Својот глас ЗА го даде и министерот за внатрешни работи на Бугарија. Договорот ќе биде потпишан на сите официјални јазици на земјите членки на ЕУ и на македонски јазик. Во договорот не е содржана никаква фуснота како што се шпекулираше во јавноста. Инаку за време на мигрантската криза поради неможноста Македонија да го склучи овој договор поради бугарската блокада, мисијата на Фронтекст во Македонија се извршуваше во партнерство со Чешката република.
Извор: Нова ТВ