Секретарот на Советот за безбедност на Украина изјави дека „главниот услов“ за продолжување на преговорите со Русија ќе биде обновувањето на територијалниот интегритет на Украина. Влијателниот функционер Олексеј Данилов на Твитер напиша дека на Украина и е потребна „гаранција“ обезбедена од модерна противвоздушна одбрана, авиони, тенкови и ракети со долг дострел.
russia, negotiations. The main condition of the President of??is restoration of??territorial integrity. Guarantee – modern air defense, aircraft, tanks, and long-range missiles. Strategy – proactive steps.?? missiles must be destroyed before launch in the air, on land and at sea.
— Oleksiy Danilov (@OleksiyDanilov) November 8, 2022
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е отворен за разговори со Русија, но само за „вистински“ преговори кои ќе ги вратат границите на Украина, ќе и дадат компензација за руските напади и ќе ги казнат одговорните за воените злосторства.
Забелешките, дадени во текот на ноќното обраќање, дојдоа неколку дена по извештајот на „Вашингтон пост“ дека САД сакаат Кијив да ја покаже својата подготвеност за преговори, загрижен дека непопустливоста на Украина може да и наштети на нејзината позиција и меѓународна поддршка.
Зборувајќи пред да им се обрати денеска на светските лидери на глобалниот самит за климата, Зеленски рече: „Секој кој е сериозен во врска со климатската програма, исто така, треба да биде сериозен за потребата веднаш да се запре руската агресија, да се обнови нашиот територијален интегритет и да се принуди Русија на вистински мировни преговори“.
Украина повеќе пати предлагаше такви преговори, но отсекогаш добивавме неразумни руски одговори со нови терористички напади, гранатирање или уцени. Уште еднаш – враќање на територијалниот интегритет, почитување на Повелбата на ОН, компензација за сите воени штети, казнување на секој воен злосторник и гаранции дека тоа нема да се повтори. Тоа се сосема разбирливи услови, истакна Зеленски.
Откако Русија објави анексија на украинска територија кон крајот на септември, Зеленски рече дека Кијив никогаш нема да преговара со Москва се додека Владимир Путин е руски претседател. Претставниците на Кијив го повторија тој став во последните денови, велејќи дека Кијив ќе биде подготвен да преговара со наследникот на Путин.
Преговарањето со Путин би значело да ги кренеме рацете, а ние никогаш не би му го дале тој подарок, изјави советникот на Зеленски, Михаило Подољак во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“ објавено денеска.
Русија побара од Украина да се откаже од териториите како предуслов за преговори, што засега ги оневозможи, рече Подољак. „Општеството никогаш нема да го прифати тоа. Руската армија ќе ја напушти украинската територија, а потоа ќе има дијалог“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вчера го повтори ставот на Москва дека е отворена за разговори, но дека Кијив ги отфрла. Москва постојано повторува дека нема да преговара за анектираната украинска територија.
Руската државна новинска агенција РИА Новости пренесува дека рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко изјавил дека единствено Украина ги кочи изгледите за преговори.
Нема никакви предуслови од наша страна, освен главниот услов – Украина да покаже добра волја, ги цитира зборовите на Руденко руската агенција.
Тој истакнал дека Украина усвоила закон за забрана на преговорите и рече: „Секогаш сме изјавувале дека сме подготвени за такви преговори, кои беа прекинати без наша вина“.