Европратениците денеска изгласаа резолуција со која бараат да се даде поддршка за развој на стратегија во ЕУ за видео игри, и тие да се сметаат за културно наследство, јави дописничката на МИА од Брисел.
Резолуцијата изгласана денеска во Европскиот Парламент ја поддржаа 560 пратеници, 34 гласаа против, а 16 се воздржаа.
Со резолуцијата се бара да се изземе државната помош од фискалните правила во ЕУ кога станува збор за инвестиции во видео игри, со што би се поттикнало помасовно инвестирање во оваа област и би се задржале талентите во ЕУ.
Според пратениците Европската Комисија и земјите членки треба да ја препознаат додадената вредност на видео игрите за ЕУ и нивниот потенција за раст и иновација преку елаборација на долгорочна стратегија за видео игрите во ЕУ.
Тие побараа максимизирање на приликите за креирање видео игри во сите земји членки на ЕУ и подобри критериуми за финансирање преку програмите на Европската Комисија, односно ревизија на ЕУ правилата за државна помош. Пратениците предупредија дека овој сектор се соочува со недостиг на таленти кои заминуваат во други делови од светот.
Според нив потребно е видео игрите да добијат статус на културно наследство.