За да разбереме зошто дојде до конфликтот мора да разгледаме три различни, но сепак поврзани концепти на кои се темели меѓународната политика – суверенитет, територијален интегритет и политичка независност. Додека другите инвазии се косеа или прекршуваа еден или два од овие концепти, агресијата на Русија се коси со сите три принципи, вели професорот-истражувач Џејмс Кер-Линдзи. Тој додава дека „ова може да биде најголемиот предизвик на меѓународната заедница и меѓународниот ред по завршувањето на Втората светска војна“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Споредбите на инвазијата на САД врз Авганистан и Ирак, бомбардирањето на НАТО во Југославија, воената акција на Србија во Косово со воената инвазија на Русија врз Украина е честа реторика по почетокот на војната во февруари годинава. Често во јавноста се прават паралели дека станува збор за воени инвазии од ист вид, со цел ослободување територии, со што се прави обид на еден начин да се оправда војната во Украина, со тоа што наративот би се донел до степен на мислење „и во други држави се случувало она што сега се случува во Русија и во Украина“. Но, дали овие акции воопшто имаат допирни точки и дали се можни ваков вид споредби?
Само еден месец по почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, професорот Џејмс Кер-Линдзи предвиде дека во јавноста ќе има вакви изјави и дека чести ќе бидат споредбите меѓу воените конфликти во различни делови од светот од различни временски периоди.
За да разбереме зошто дојде до конфликтот мора да разгледаме три различни, но сепак поврзани концепти на кои се темели меѓународната политика – суверенитет, територијален интегритет и политичка независност. Додека другите инвазии се косеа или прекршува еден или два од овие концепти, агресијата на Русија се коси со сите три принципи, вели Кер-Линдзи.
Неговите истражувања се фокусираат на конфликтот, мирот и безбедноста во Југоисточна Европа (Западен Балкан, Грција, Турција и Кипар), како и проширувањето на Европската Унија. Тој има широк список на публикации, вклучувајќи над десетина авторски или уредени книги и повеќе од 70 статии и поглавја. Неговиот канал на Јутјуб, каде тој зборува за меѓународната политика, има повеќе од 106 илјади следбеници.
Кер-Линдзи вели дека иако има некои несоборливи сличности кои ги поврзуваат сите конфликти, ова што сега го сведочи јавноста е нешто сосема различно од било што што сме виделе од Студената војна.
Ова може да биде најголемиот предизвик на меѓународната заедница и меѓународниот ред по завршувањето на Втората светска војна. За да разбереме зошто дојде до конфликтот мора да разгледаме три различни, но сепак поврзани концепти на кои се темели меѓународната политика – суверенитет, територијален интегритет и политичка независност. Суверенитетот е универзално признато право на државите да одлучуваат што се случува во рамките на нивните граници, постои од 17 век и е основа на модерната држава. Сите инвазии на една држава или група држави против една земја по правило се кршење на државниот суверенитет на нападнатата држава, вели тој.
Понатаму, ако една држава влезе во територијата на друга држава без нејзина дозвола, направила инвазија врз нејзиниот суверенитет, без разлика на причината или обидите за правдање на самиот чин. Ова се однесува на сите случаи без разлика дали станува збор за Ирак, Авганистан, Либија, Србија, Кувајт, Кипар, Украина…
Кер-Линдзи потсетува дека инвазијата на САД врз Ирак и Авганистан не ги измени границите, односно двете граници го зачуваа територијалниот интегритет. Кампањата на НАТО врз Југославија доведе до унитерално прогласување независност на Косово, што беше повреда на територијалниот интегритет на Србија.
Но, и тука крајната цел не беше анексија на таа територија од било кој протагонист во конфликтот ниту пак некоја од нив профитираше. Косово не се обедини со соседната Албанија. Може да дебатираме дека Косово единствено претставува повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија.
Од друга страна, Русија не само што го нападна суверенитетот на Украина, туку тоа го стори и со територијалниот интегритет. Русија ја нападна Украина во 2014 година и го анексираше Крим, а отиде и чекор понатаму кон анексија на нови територии.
Инвазиите чија цел е уништување на една држава и нејзиното постоење се многу ретки. Меѓународното право повеќе не признава и не прифаќа освојување, како легитимна причина за уништување на една држава. Ниту една од големите интервенции на Западот не го стори ова, ниту пак имаше таква цел. Ирак, Авганистан, Југославија, односно Србија, сè уште постојат и се членки на ОН и на меѓународната заедница“, тврди Кер-Линдзи.
Но, Путин веќе има изјавено дека ги смета Русите и Украинците како еден народ. Тој отворено кажа дека иднината на Украина како независна држава е загрозена.
Оттаму, вели Кер-Линдзи, станува јасно дека она по што се разликува руската инвазија од било кој друг конфликт во модерното време е дека ги крши сите три фундаментални принципи на модерното меѓународно општество.
Постапките на Русија, смета тој, го поткопуваат меѓународниот систем кој е поставен пред 70 години и трите принципи на кои се темели и додава дека Русија нема никаква почит кон основните правила и норми на меѓународните односи.
Оваа војна е позначајна од тоа што изгледа. Има потенцијал да го измени светот во кој живееме. Западните држави мора да прифатат дека сме таму каде што сме бидејќи тие помогнаа да се еродираат овие три фундаметални принципи. Во иднина, други држави ќе се обидат да ја оправдаат својата агресија од слични причини и на слични начини. Но, тоа не го менува фактот дека руските акции во Украина се нешто што досега не сме го виделе. Ова е кршење на фундаменталниот систем, без разлика колку има грешки во него.
Вистиномер ја анализираше и последната изјава, односно фотографија споделена на социјалните мрежи од страна на руската амбасада во земјава, каде што пишува Косово е Србија – Крим е Русија, што е уште еден обид за правење паралела.
Случајот на Косово под никакви околности не може да се спореди со случајот на Крим. Косово е единствен случај. Меѓународната заедница интервенираше по геноцидот од Србија. Ние никогаш не баравме да напуштиме една земја и да се придружиме на друга, изјави во 2014 година тогашниот косовски премиер Хашим Тачи за Ројтерс.
И тој, слично како она што го тврди Кер-Линдзи рече дека „пристапот за промена на границите и припојување територии од друга земја е погрешен пристап кој може да има последици за целиот свет“.
Експертот за источна Европа, Франц-Лотар Алтман, во интервју за Дојче Веле во 2014 година ситуациите на Косово и Крим ги нарече „споредба на јаболка и портокали“.
Во Косово, албанското население беше, всушност, загрозено од воената акција на Србија. Имаше големи протерувања, а постоеше и опасност од геноцид. Дури потоа се интервенираше однадвор. Таа интервенција не се случи за да го направи Косово дел од Германија или од САД. Во случајот на Крим, интервенцијата на руските трупи очигледно имаше за цел да го врати Крим на Русија. Тоа е огромна разлика. Друг момент е дека руското население на Крим не е загрозено – нема страв од погроми. Тие опасности, кои во случајот со Косово навистина постоеја, не постојат со Крим, изјави Лотар Алтман.
Оттаму, сите овие споредби кои имаат за цел релативизација на она што сега се случува во Русија и во Украина, можеби до некаде имаат сличности, но во ниту еден случај не можат да се доведат во корелација едни со други. И тоа е факт, поткрепен со докази од минатото, конвенцијата на Обединетите Нации и со децидни теории објаснети од историчарите и од познавачите на меѓународното право.