Иднината на Западен Балкан и на сите земји од регионот е во Европската Унија е пораката што беше пратена на вчерашниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Тирана.
На Самитот е потврдена целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, високиот претставник Жозеп Борел, комесарот Оливер Вархеји, како и од шефови на држави и влади на државите-членки на ЕУ и на Западен Балкан, пренесува МИА.
Тие повикаа на забрзување на пристапниот процес заснован на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на сопствени заслуги.
– Организацијата на Самитот за првпат во регионот е јасен знак за силната посветеност на ЕУ кон Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ, соопштија од Европската комисија. Комисијата забележува дека „Руската агресивна војна против Украина го загрозува европскиот и глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека овој самит „дава јасна порака за нашиот ангажман, нашето единство и нашето силно партнерство“.
– ЕУ е повеќе од кога било посветена на заедничка иднина, со нашите партнери од Западен Балкан во рамките на ЕУ. И ние ја користиме секоја можност да ги зближиме нашите региони и нашите луѓе. Од заедничко решавање на енергетската криза до отворање повеќе можности за граѓаните и бизнисите, вклучително и намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување, нагласи таа.
Фон дер Лајен по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана нагласи дека пораката од денешниот самит е порака за обединување и дека „целиот регион на Западен Балкан и припаѓа на ЕУ“.
Претседателот на Советот на ЕУ Мишел, пак, верува дека „нашите деца ќе имаат побезбедна и попросперитетна иднина со Западен Балкан во ЕУ“.
– Тоа заедничко верување не собра овде за да работиме на заеднички проекти, рече Мишел.
Според германскиот канцелар Олаф Шолц се забележува ново, попозитивно расположение меѓу членките на Европската унија за можноста земјите од Западен Балкан да се приклучат на блокот во споредба со пред неколку години, пред руската инвазија врз Украина.
– Сосема сум сигурен дека се појави ново инклузивно движење и оти скептицизмот што го создадоа пред неколку години неколку земји-членки сега мутираше во подготвеност ова активно да се турка напред, рече Шолц по Самитот.
Ставот на Ковачевски од Самитот е дека ЕУ покажа дека е посветена на проширувањето, но и истакна дека во овој тежок гео-политички момент за Европа ова е многу јасен сигнал дека иднината на Западен Балкан и на сите земји од регионот е во ЕУ.
Според Ковачевски, одржувањето на ваков Самит во соседна Албанија само ја потврдува посветеноста на ЕУ кон проширувањето.
Тој пред учесниците на Самитот порача дека Северна Македонија продолжува посветено да работи на скрининг процесот и оти очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои, како што вели, уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права.
Ковачевски на панел дискусијата посветена на европските перспективи на регионот, истакна дека мирот и стабилноста на Балканот се предуслов за мир и стабилност на цела Европа и порача дека сите заеднички цел регион треба да се залага да се постигне оваа цел.
– Република Северна Македонија и Република Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ за полноправно членство на ЕУ и продолжуваат посветено да работат на скрининг процесот со сите свои капацитети. Исто така Република Северна Македонија очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права, рече Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана имал и куса средба со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц на која разговарале за актуелните процеси во Република Северна Македонија, посебно во делот на започнатиот скрининг процес, како и за предизвиците со кои се соочуваме и, како што вели, успешно ги надминуваме.
Инаку, претседателката на Косово Вјоса Османи на Самитот објави дека Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ до крајот на годинава.
Ова е првиот Самит на ЕУ што се организира во регионот на Западен Балкан, кај соседна Албанија, што уште повеќе ја зголемува неговата важност и значење. ЕУ, како што потенцираа вчера од Владата, покажа силно партнерството кон земјите од овој регион, со што уште еднаш потврди дека во нас гледа партнер од доверба.
-Уште една силна потврда за нашата европска иднина е хајлатот на овој Самит – потпишувањето на договорот за намалување на цените во роамингот, за разговорите во роаминг помеѓу корисниците од Западен Балкан и земјите од ЕУ. Со овој договор ќе сме поповрзани со земјите од ЕУ и ќе можеме полесно и побрзо да одиме по европскиот пат. Европската Унија сака да сме поврзани, а од целото тоа имаме и практична и економска придобивка и за граѓаните и за бизнисот, истакнуваат од Владата.