Украинскиот претседател Володомир Зеленски пристигна денеска во САД и се сретна со американскиот претседател Џо Бајден. Ова е прво патување на украинскиот претседател во странство откако Русија изврши инвазија врз Украина.
Зеленски изјави дека отпатувал во Вашингтон за да им се заблагодари на САД за помошта во војната против Русија.
„Денеска сум во Вашингтон за да му се заблагодарам на американскиот народ, претседателот и Конгресот за помошта што очајно и е потребна на Украина. И да ја продолжиме соработката, за да се доближиме до нашата победа“, напиша Зеленски во објавата на социјалната мрежа Телеграм.
Тој додава дека ќе одржи серија преговори за зајакнување на стабилноста и одбранбените способности на Украина.
„Претседателе Џо Бајден, ви благодарам што го поддржувате нашиот народ! Оваа посета се случува во пресрет на новата година, која може да стане исклучително важна за Украина. Сигурен сум дека заедно можеме да постигнеме значајни резултати“, објави Зеленски после средбата со Бајден
САД во пресрет на пристигнувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон, објавија дека ќе ја снабдат Украина со најсофистицираниот систем за ПРО „Патриот“.
САД ќе обезбедат дополнителна воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, вклучувајќи и обезбедување на системот за ПРО „Патриот“, објави во денешното соопштение американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Пакетот за воена помош вклучува милијарда долари вредно оружје и опрема од залихите на Пентагон, вклучувајќи и Патриот, и 850 милиони долари финансирање преку Иницијативата за безбедносна помош на САД за Украина. Таа иницијатива, исто така, ќе се користи за финансирање на сателитски комуникациски систем, кој најверојатно ќе ја вклучи важната сателитска мрежа Starlink на SpaceX на Илон Маск.
Администрацијата на претседателот Бајден го објави ова неколку часа пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон.
Ј. Ѓ.