Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Јас, на пример, не ја сакав музиката на Масимо. Ја принесуваше со неподнослива трогателност во гласот. Со пренагласено драматизирање на темата за љубовта. Срцето да си го ископаш како слепо црево.
Но, го сакав како човек и во тие рамки како пејач. Како појава. Не спорам дека донесе некоја чудна елеганција во интерпретацијата и интересна дистанца спрема популарната музика.
Тој беше Констракт на своето време, но во течна состојба, за разлика од Констракта, која е во кристали. Паметен, шармантен, отворен и слободен во времињата кога беше паметно да си глуп, заробен и одвратен. Најубавиот рошавко. Го патентира најубавото име на еден бенд: Доријан Греј.
Сочувство до семејството и пријателите.
Адио, Масимо, ќе те чуваме во спомените.