Пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Милчо Манчевски за филмот „Биста“ од државата добил 28 милиони денари, или нешто над 455.200 евра… А „некој друг“ добил 715 илјади евра…
Она што мене најмногу ме изненади е што оваа вест на Фејсбук ја објавил и самиот Милчо Манчевски… Малку многу нескромно од него… И малку многу некоректно (и потценувачки) кон својот помлад колега Игор Иванов-Изи. Факт е дека сме немале поуспешен режисер од Милчо. Заслужено добивал во минатото, а веројатно ќе добива многу пари и во иднина. Но нека покаже малку и други величини, не само дарба за режирање филмови…
Игор Иванов-Изи можеби за некои и не е многу познат, но и со многу помалку пари од тие што во минатото ги добивал Милчо Манчевски сепак има создадено вредни дела. Неговиот краток филм „Бубачки“ бил во конкуренција на 54-то Берлинале и ја добил наградата „Златен леопард“ на Филмскиот фестивал во Локарно. Неговиот прв долгометражен филм „Превртено“ бил презентиран на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, а Изи ја освоил наградата за најдобар режисер на Mostra De Valencia, филмскиот фестивал во Валенсија. Неговиот филм „Соба со пијано“ ја имаше својата премиера во САД на 50. Филмски фестивал во Чикаго и за тој филм познати американски филмски критичари објавија многу позитивни коментари.
И уште нешто… Од оние што се бунат за парите дадени на Игор Иванов-Изи, никогаш не сум прочитал дека се бунеле за Џејсон Мико кој за документарецот „Името не го даваме“ доби 130 илјади евра. Плус неколку години добиваше по 7.000 евра месечен хонорар како Советник на Груевски.
Толку за овој случај… Јас искрено се надевам дека двата филма, „Биста“ од Милчо Манчевски и „Белиот“ од Игор Иванов-Изи, достојно ќе ја презентираат македонската кинематографија и ќе освојат многу награди на филмските фестивали низ светот. И искрено се надевам дека успешните уметници ќе можат да си ја работат својата работа, без да „копаме“ дали некој од нив е близок со некој што бил близок со не знам кого!