Руската пропаганда не застанува, дури ни со манипулирање со објави на социјалните мрежи посветени на почитта на споменот на загинатите.
Руски пропагандистички канал на Телеграм објави за наводно регрутирање на пожарникари во Украина поради недостаток на ресурси за мобилизација. Наводно, ситуацијата во Харков е веќе критична, а наскоро нема да има кој да гаси пожари. Со цел оваа порака да изгледа поверодостојна, руските пропагандисти решија да ја поврзат со трагичниот настан што неодамна се случи во регионот на Харков.
Според нив, мобилизацијата на пожарникарите во Украина е познат факт долго време, но вистинската потврда е пораката објавена од градоначалникот на Тернопил, Серхи Надал за погребот на „Сергеј Хотсуљак“, кој наводно бил пожарникар и починал додека извршувал борбена мисија во регионот Харков.
На Фејсбук страницата на Серхи Надал има објава во чест на споменот на починатиот вработен во Украинската државна служба за итни случаи. Сепак, неговото точно име е Серхи Хотсулијак и не работел како пожарникар, туку како раководител на Одделот за пиротехнички работи на Одредот за специјални намени за итни случаи и спасување во Главниот оддел на украинската државна служба за итни случаи во регионот Тернопил.
На 4 јануари 2023 година, Серхи загина додека вршеше работи за деминирање во деокупираните области на регионот Харков. Што се однесува до пожарникарите во Харков, нивната мобилизација или недостигот на персонал беше одбиен од Главниот оддел на украинската државна служба за итни случаи во регионот Харков.
„И во градот и во регионот ниту еден пожарникар не е ангажиран. Дополнително, нема проблеми со бројот на пожарникари. Ние сме во постојан надзор и водиме евиденција, нашите момци не се регрутирани во вооружените сили на Украина“, се вели во коментарот на прес-службата на главниот оддел на украинската државна служба за итни случаи во регионот Харков.
Дополнително, во напис за Укринформ, поранешниот командант на украинските воздухопловни сили, Иван Јакубец (1998-2005) нагласи дека стручниот персонал (пожарникарите, деминерите, итн.) имаат добиено ослободување од воена служба од Украинската државна служба за итни случаи, така што не може да се регрутираат во вооружени сили.
Ова не е првпат руските пропагандисти да прават обиди да ги дискредитираат напорите за мобилизација, во Украина и да создадат јавно мислење дека луѓе кои не се предмет на мобилизација се регрутирани во вооружените сили на Украина. Русите исто така пишуваа дека во редовите на украинските вооружени сили биле испраќани деца, но таа приказна се покажа како лажна.
Извор: Укринформ