„Јас не мислам дека работата на еден пратеник е да излегува на говорница и да навредува, но очигледно има колешки и колеги кои сметаат дека тоа е функцијата на пратениците“ рече пратеничката Санела Шкријељ на конференцијата на Цивил, „Различностите, благодат или проклетство“ во врска со говорот на омраза на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Велика Стојкова Серафимовска.
Стојкова Серафимовска од пратеничката говорница, обраќајќи се кон Шкријељ, ги навреди Бошњаците со изјавата дека тие не си го знаеле својот идентитет.
„Ќе добиете деца и младина и иднина со збунет идентитет, каков што е Вашиот идентитет колешке, очигледно Вие сакате да имате наследници како Вие што сте во моментов, и нашите поколенија и нашите генерации да не знаат што се, да не знаат што се како вие што не знаете што сте“ рече Стојкова Серафимовска од говорницата.
Кон осудувањето на ваквиот говор на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ се надоврза и Џабир Дерала од Цивил кој истакна дека ова е срамно и заслужува секаква осуда и отфрлање од сите граѓани и граѓанки.