Во вторник ќе потпишеме договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за 55 милиони евра да инвестираме во регионални депонии и за инфраструктурата што е потребна во нашата држава. Да го решиме еднаш и засекогаш проблемот со отпадот, соопшти вечерва министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Нуредини во Дневникот на Сител појасни дека било потребно да се подготви целата документација, да имаат преговори со меѓународни партнери и донатори за да стигнат до овој момент.
Министерот за животна средина истакна дека сега имаме закони за отпад, се подготвуваат други закони, за води, за заштита на природа… Според него, следните од две до четири години ќе бидат најважни за нашата држава бидејќи, како што рече, по четири години ќе имаме пречистителни станици во Скопје, во Битола и во Тетово, ќе имаме регионални депонии, сите општини ќе добијат камиони, контејнери…
Тој изјави дека не се менува зелената агенда на ДУИ. -Се фокусираме на тој принцип. Ние сега сме пред потпишување договор за пречистителна станица во Скопје, почнавме со процедурите во Битола, за пречистителна станица. До февруари ќе почнеме со теренска процедура во Тетово. Земавме заем, 50 милиони евра, за да им помогнеме на сите општини во државата за вода за пиење и за канализација, изјави министерот за животна средина.
Министерот Нуредини апелираше граѓаните да бидат совесни и за греење на своите домови да не користат материјали кои, како што рече, можеби се канцерогени.
Извор: МИА