Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Чии срца сакаат да освојат политичарите? На кој начин? Секој христијански празник е прилика за врвот на партиите и државата да нѐ убедат во својата побожност. Ако во нешто претеруваат до невкус, тоа секако е за време на верските празници. Парадираат заедно со црковниот клер пред камерите и насобраните верници и даваат вознесени изјави за медиумите и учествуваат во верските обреди, небаре се портпароли на Црквата. Недостасува само попски мантии да стават и да ја комплетираат сликата.
За време на верските празници, социјалдемократите не се разликуваат многу од опозицискиот табор. Се разбира, вмровците секогаш можат да отидат многу подалеку, таква им е „природата“, екстремна.
Секоја година ги гледаме водечките вмровци како им ги бацуваат крстовите на обнажените момчиња кои претходно ги уловиле во студените води низ земјата. Гротескно. И максимално невкусно. Но сдсмовците, од петни жили, се трудат да одржат чекор со своите лути политички ривали.
Пумпање на верските мускули
Гледано од страна, секој верски празник во земјава изгледа како натпревар меѓу политичарите од левицата и десницата во пумпање на верските мускули, односно кој ќе покаже дека е поголем христијански верник. Политичарите муслимани не се многу видливи, веројатно и затоа што најголемите медиуми не им обрнуваат многу внимание. Но и меѓу нив има такви што не остануваат дома со семејствата, туку брзаат да покажат колку големи муслимани се, без оглед на тоа дали се поранешни марксисти-ленинисти или исламски фундаменталисти.
Јавното изразување на верските чувства на политичарите е силна порака до јавноста. Како ќе се изразат политичарите по повод некој верски празник, е исклучително важно и одекнува многу широко во секојдневието на едно општество. Политичкиот естаблишмент често поддржува, а за време на режимот и диктираше, пракса што е целосно спротивна на секуларниот карактер на државата. Македонското секојдневие е исполнето со примери за тоа како и институциите, и бизнисот и јавноста функционираат во такт со верските календари.
Тешко е да се биде секуларен во оваа земја, уште потешко да се биде атеист. Но тоа е друга приказна.
Уставот (Член 19) е јасен.
„Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.“ (во цитатот е вклучен Амандман VII)
Значи, државата е секуларна. Одвоена од верските заедници. Во својот фундамент, Уставот се судира со реалноста во земјата. А мора и може да биде поинаку.
Што можат да направат политичарите, ако сакаат да ја искористат можноста да бидат видени за време на верски празници?
Да им помогнеме со идеи.
На пример, политичарите кои решиле да бидат дел од некоја верска церемонија, можат да дадат изјава во која се потврдува политиката на признавање и почитување на верските слободи и самостојноста на верските заедници и лидерства. Може да го цитираат или парафразираат Член 19 од Уставот и да се дадат неколку примери како тоа се преточува во политиките и практиките на државните институции.
Минаа долги години на верска „еманципација“ и борба меѓу камбаните и минарињата (кој повеќе, повисоко, погласно) низ земјава. Кремот на најголемите верски заедници се занимава со политика и бизнис (богатење), наместо со прашања на верниците. Како и политичарите, впрочем. Никој од нив не се сети дека може да изгради амбуланта, училиште или креативен младински центар наместо црква или џамија со еден дел од богатството, а со друг дел да вработат кадри таму. Толку е тешко да им текне да направат нешто добро за луѓето? Зарем толку не го познаваат Боб (бог, де), па знаат дека нему не му се потребни „пребивалишта“ само за него? Дека тој не е во циглите, туку во срцата на луѓето?
Имам уште неколку идеи, но да не ги трошам сега сите. Ова е повеќе од доволно за наредните триесет години.
Останува прашањето: Кому му служат политичарите? На граѓанките и граѓаните или на некој Боб (мислам, бог)?
Луѓето треба да видат дека државата и оние што се избрани или назначени да ги водат нејзините институции, се грижат ним да им обезбеди дом, а не на небесните сили. Местото на небесните сили е на небото. Се разбира, според оние што во тоа веруваат и имаат фундаментално право да веруваат. Во секој случај, на религијата не ѝ е место во државата и државните институции. На луѓето им е важно дали функционерите си ја вршат добро работата, а не колку големи верници се.
Друго е прашањето кому му служат „администрациите“ на верските заедници. На Боб не му се потребни. Но на верниците сигурно не им служат. Но тоа е прашање на верските заедници кои се „одвоени од државата“, нели… Да не им се мешам во „внатрешните работи“…
На луѓето не им треба доказ дека политичарите и функционерите се во блиска релација со верските лидери – дилери на божјата милост и моќ – туку дека се грижат за нив. Јавното добро нема верска припадност. Секојдневната борба за опстанок и развојот на земјата немаат врска со верските книги, туку со конкретната примена на ветените политички програми.