Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека Европската Унија треба да и даде приоритет на интеграцијата на Западен Балкан и дека не може да дозволи овој регион да остане долго време надвор од ЕУ.
Конференцијата „Италија-Западен Балкан“ се одржа во Трст, на североистокот на земјата, во организација на италијанското Министерство за надворешни работи, со цел да се доближи италијанската политика и деловниот свет до тој регион.
– Како соседна земја, Италија е свесна за виталното значење на овој регион за иднината на цела Европа. Од искуство знаеме дека сè што се случува надвор од Јадранот во моментов влијае на нас, рече Мелони во видео пораката објавена на конференција.
Наведувајќи дека сегашната динамика во светот, како што е руско-украинската војна, ја прави оваа конференција неопходна, Мелони рече: „Европа има голема одговорност кон Балканот. Неопходно е да се потврди чувството на припадност на овој регион кон нашиот свет и нашите вредности. Тоа и беше мојата порака на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа на 6 декември во Тирана“.
Таа подвлече дека не можат да се задоволат само со економски мерки за регионот. – Итно е ЕУ да постави нова визија за овој регион и да го вклучи проширувањето кон Западен Балкан меѓу своите приоритети. Не можеме да дозволиме овој стратешка дел од нашиот континент долго време да остане надвор од заедничкиот европски дом, рече таа.
Мелони истакна дека регионот е важен и за сопствената национална безбедност. – Безбедноста и растот на сите народи во Западен Балкан се фундаментални за националните интереси на Италија, изјави Мелони.
– Целта на оваа влада е да ја приближи Италија до Балканот. Оваа конференција е организација која повторно ќе го разгори интересот на Италија за регионот. Нашите компании се веќе во регионот и имаат водечка улога, но мора да го обновиме тоа присуство и да инвестираме во стратешките сектори, потенцираше премиерката..
Италијанските медиуми пишуваат дека денешната конференција го покажува значењето што десничарската коалициска влада на премиерката Мелони му го дава на регионот.
Извор: МИА