Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја укине Одлуката со која на 18 јули 2014-та година Советот на Општина Центар го донесе Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 со локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара, известуваат од Уставниот Суд.
Судот оценил дека Одлуката за ДУП на Општина Центар е спротивна на Законот за локална самоуправа, поточно со членот 62 став 2 од овој закон. Уставниот суд оценил дека не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа ЗА, како што предвидува законот.
„Согласно правното мислење на Судот, од вкупно 23 члена колку што броел Советот на Општина Центар присутни биле 12 члена, од кои ЗА донесување на Одлука за Деталниот урбанистички план гласале 11 члена, а еден бил против. Уставот во својот член 110 предвидува дека прописите треба да бидат во согласност со Законите, што не е случај во конкретната ситуација. Судот оцени дека со донесувањето на таа Одлука за Деталниот урбанистички план во Општина Центар е нарушена една од темелните вредности на уставниот поредок а тоа е владеењето на правото. Согласно денешната одлука на Уставниот суд, Општина Центар нема да може да издава одобренија за градби за конкретните локации кои се опфатени со Деталниот урбанистички план, бидејќи тој ДУП не постои од денот кога ќе биде објавена одлуката на Судот во Службен весник“, соопштуваат од Уставниот суд.
Како што прецизираат, Уставниот суд ја донел одлуката со мнозинство гласови, односно 5 гласа, а еден од судиите најавил издвоено мислење.