Европската комисија најверојатно ќе ја разгледа одлуката за едногодишна суспензија на царините и квотите за украинскиот извоз на земјоделски и прехранбени производи, дознава Euractiv. Одлуката беше донесена во мај за да се поддржи економијата на Украина.
Тоа беше одлука без преседан, но во месеците што следеа, особено оваа есен, имаше многу поплаки од земјите членки дека приливот на земјоделска стока ги става во неповолна положба земјоделците од ЕУ.
Оваа едногодишна, привремена програма за либерализација на трговијата ќе биде разгледана во јуни 2023 година.
Имено, по покренувањето на патот на солидарноста, залихи на житарки се создадени во земјите соседни со Украина, а најмногу проблеми се забележани во Романија, Унгарија и Полска, поради што реагираше Јануш Војчеховски, комесарот за земјоделство на Европската комисија.
Зеленски бара посилна поддршка за извозот
Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку видеопорака на меѓународната конференција на министри за земјоделство што се одржа во рамките на Зелената недела во Берлин, ги повика 70-те министри на земјите кои едногласно ја осудија руската инвазија да ја поддржат неговата земја во извозот на житарки, што, меѓу другото, вклучува и поддршка за транспорт преку црноморските пристаништа.
„Сакаме развиените земји да не поддржат, да купуваат житарки и да ангажираат бродови за да овозможат хуманитарни пратки храна во земјите кои страдаат од глад или се загрозени од глад“, нагласи тој и повика на поддршка во формирањето на центри за претовар на житарки во африканските региони кои се особено зависни од увозот на храна.
There must be no famine. The right for food & clean water should be the basic human right. It must be a global goal! Anyone who tries to deprive people of food or water is an enemy to humanity. We must defeat such enemies together like ?? & our partners do.#GrainfromUkraine pic.twitter.com/c7AgdWN1qg
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 21, 2023
По состанокот, Војчеховски на прес-конференција рече дека кризната резерва на Заедничката земјоделска политика може да се искористи за помош на земјоделците во Полска, Романија и други земји, кои беа негативно погодени од приливот на украински житарки.
„Увозот од Украина нема негативно влијание врз целата ЕУ, но доведува до регионални тешкотии“, рече тој, наведувајќи ја неговата татковина Полска како пример и изјави дека внимателно ја следат ситуацијата.
Кризната резерва е фонд од 450 милиони евра вклучен во шемата на Заедничката земјоделска политика, кој може да се искористи за финансирање исклучителни мерки за борба против пазарните нарушувања кои влијаат на производството или дистрибуцијата.
Првпат беше започнат во април по рускиот напад на Украина. За нејзино повторно активирање ќе биде потребна согласност од сите министри за земјоделство на ЕУ.