Пред крај сме со дефинирање на смарт специјализацијата којашто не е само еден документ туку ќе ги даде насоките на движење на нашата економија во клучни сектори, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за време на годишната конференција „Година за нови можнсоти“.
„Ова можам да кажам дека е среднорочното планирање. Пред година и пол почнавме со креирање на процесот на креирање на националната развојна стратегија за првпат на еден процес кој е инклузивен кој е со вклучување на сите засегнати страни затоа што сметавме дека е моментот во кој треба да се креира јасната визија на нашето општество за наредните 20 години каде треба да се одвиваме. Смарт специјализацијата е основен дел на развојната стратегија затоа што таргетира само еден сегмент во креирањето на стратегиите, а националната развојна стратегија ги опфаќа сите сегменти на нашето живеење“, смета Битиќи.
Тој кажа дека системски е променето и вреднувањето на трудот.
„Денес зборувавме и премиерот кажа што се направивме околу минималната плата, просечната плата, сметам дека тоа што денес треба да го истакнам е системското менување и пристапот кон вреднување на трудот. За првпат во државата ниту пензиите, ниту минималната плата не се користат како алатка за уценување, туку има систем кој е воспоставен преку механизам кој секоја година ја усогласува минималната плата како и пензиите. Тоа ќе донесе одржлив раст и на минималната плата но и достоинствено плаќање на трудот на нашиот пазар“, заклучи Битиќи.