Опозицијата, но и некои експерти претпоставуваа дека ќе има енормно згoлемување, но со напорната работа на раководството на државните електрани го зголемивме производството и имаме намалување на цената на струјата, рече премиерот Димитар Ковачевски за време на годишната конференција „Година на нови можности“.
Тој кажа дека намалувањето на цената е во првите два блока, каде што се најголемиот дел од домаќинствата, а благо поскапување има во третиот блок и поскапа струја во четвртиот блок. Тој информира дека за малите компании е намалена цената на електричната енергија за 20 проценти.
„Во наредниот период претпоставувам и работиме да нема зголемување, напротив работиме да има намалување. Минатата година ЕСМ го зголеми производството за 20 проценти. Вчера видовме податок за произведени над 21 илјада мегават часови, што е најголемо производство во последните десет години“, рече премиерот Ковачевски.
Го либерализиравме увозот на гас, во ЕСМ има наддавање, рече Ковачевски.
Имаше многу предизвици, но ги посетивме сите земји од регионот, како и САД се со цел да обезбедиме претпоставки за успешно справување во последниот квартал минатата година и првиот квартал оваа година кога е грејниот период, рече Ковачевски.
„Ги зголемивме прекуграничните капацитети со Бугарија, се со цел да нема прекин обезбедивме и непречен увоз на суровини и енергенси од Грција и Албанија. Тамошните компании бара да го намалат извозот на јаглен, но на состанок со премиерот на Грција беше договорено да нема забрана за извоз за Република Северна Македонија. Обезбедивме доволно енергија за да нема недостатоци. Никој не веруваше дека ќе работат сите три блока на РЕК Битола“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека државата имала значајна помош од САД.
„Немавме либерализиран увоз на гас, но со зголемување на капацитетот на интерконекторот со Бугарија и подзаконските акти за снабдување со гас, тоа стана реалност и сега ЕСМ има наддавање за гас. Се што беше дадено како задача беше исполнето до перфекција“, заклучи премиерот Ковачевски.