Бугарскиот технички министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје по повод 151-годишнината од раѓањето, но не ги дочека бугарските граѓани кои организирано патуваат кон Скопје. Настанот е од висок ризик, поради тензиите со Бугарија, а тројца бугарски државјани беа приведени на Деве Баир поради обид за напад на полицајци.
Системот на граничните премини во земјава претпладнето беше неколку часа во прекин, поради што и на Деве Баир не можеа да поминат бугарските граѓани кои сакаат да дојдат да оддадат почит на грбот на Гоце Делчев. Системот се подигна по 12 часот и оттогаш сообраќајот е нормализиран.
„Денеска, овие мерки за сигурност се неопходни, а сигурноста значи, сите што сакаат да искажат почит за Гоце Делчев, тоа слободно да дојдат да го сторат. Очекувам секој бугарски граѓанин да стаса овде, да положи цвеќе и притоа да биде безбеден. Ние го почитуваме македонскиот народ и држава. Не сме дојдени да правиме провокации. Нема причина за провокации. Ние треба да одиме напред, а тоа е обединета Европа, тоа налага стабилност. Ние нема со кој да се разделиме. Соседи сме и треба да имаме добри односи и нашите народи треба да се зближени. Јасно е дека Северна Македонија е самостојна држава и немам намера да одговарам на провокации дека Македонија била бугарска. Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит. Ние сме соседи и добрососедството треба да продолжи“, рече Демерџиев.
Демерџиев, кој дојде делегација во која беа и неговиот заменик и министерот за здравство, изјави дека ги замолил европатеникот Андреј Џамбаски и Костадин Костадинов да останат во Бугарија и да не предизвикуваат провокации.