Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Значи можело, помалку или повеќе, упристоено да се чествува роденденот/смртта/годишнината на Гоце Делчев во Скопје. Не се потепавме, не си ги распукавме главите, не си sвекнавме по некој шамар, ништо од тоа, не направивме беља заради која би се веселела секоја цинична свиња.
Убаво е кога се гледаат пристојни луѓе, очовечени; на пат кон гробот немаше погинати додека се маршираше (што претставува одлична околност), поточно не им беше дадено да погинат, без разлика што се агенти на хаосот или едноставно речено „чисти камикази“, не им беше дадено на Мицковите опскуранти ниту аудиција за формирање на група TNT од „Алан Форд“ на гробот на Гоце Делчев.
Добро, имаше мало кошкање на македонско-бугарска граница, некаков кретенизам, ама не беше искачен таквиот кретенизам на никаков клинички пиедестал. Ха, овие неколку денови, за жал, има многу заразени: оптеретувањето од таквиот кретенизам не е наивна работа – одумреа премногу мозочни ќелии. Кој ќе го санира и плати тоа, море?!
Лично, не давам пет пари за „идеолошки“ и „државни“ празници и чествувања од било која врста, затоа што сите тие, па дури и црковните – особено црковните – јал директно, јал индиректно, насочени се кон промовирање на она што е „во дадениот момент“, на она што е доминантен склоп на вредности во кој, обично, се реферира на некаков „Основачки мит“, на некаква „света точка во времето“ во кое НИЕ сме во потполност со НИЕ, нека биде славата и благодарноста наша.
Се разбира, реферирањето на „основниот мит“ не е некаква ексклузивно македонска или екс-југословенска особеност: зошто американскиот 4-ти јули би бил поинаков? Тоа што всушност е карактеристично за авторитарни општества кои се „фундирани“ на некој „спасувачки“ или „светопоправителен симбол“ (Т. Бернхард), пропратено со нарцистичко начело, претставува директна и каузална врска со оној што ја држи посредувачката моќ во симболот, вклучително и државните празници, тие хералдики, иконографии и останати дрн-sврц идеолошки марифетлуци кои ги следат. Ваквото поимање за нас и светот не остава во фаза на небудност, не држи во фаза на спиење.
Имено, последниве две години ни се случи страшна пандемија, а тоа беше увертира за најголемото апокалиптично сценарио – војната во Украина која предизвика цела низа од помали и поголеми катастрофи. Притоа, како фуснота, може да кажам дека ни се случуваат „есхатолошки закани“: климатското затоплување, нуклеарните закани од Русија, потреси, сите возможни егзистенцијални закани кои може да ги замислиме, а во некоја смисла сите овие закани претставуваат апокалипса, не во смисла на крајот, затоа што крајот сè уште не се случува, односно крај се случува секојдневно на секој еден човек. Светот се менува радикално на полошо, а ние сме во митолошка фаза од инфантилно спиење.
Oд друга страна, што повеќе сакаат од нас Бугарите? Сите гестови, реторички вратоломии, физички пресметки, дипломатски салта кои ги прават према нас, да се изразам најпитомо – изгледаат многу непромислено. Да не речам неописиво тупаво, глупаво и неупотребливо. Објективно гледано, не гледам никакво рационално оправдување за односот што Бугарија го гаи кон нас. Ништо ново и специјално во односите се нема случено. Ние не сме никаква опасност за Бугарија во било која смисла, дури толку сме сериозни што се планира и Бугарите да се вметнат во Уставот само за да продолжиме со нашата Евроинтеграција. Така што, ви велам, не гледам никакво рационално објаснување зошто, по ѓаволите, ваков однос на Бугарија кон нас. Еве, да речеме: зошто треба на Македонија да ѝ биде проблем ако некој во Бугарија се изјаснува како Македонец? Што се однесува до нашата страна, ние немаме проблем некој што во Македонија се изјаснува за Бугарин да биде вметнат и во Уставот.
Непријатно е да се читаат дури и вестите кои доаѓаат од Бугарија, а поготово кога ќе ни зборуваат за Тито, за Југославија, таквите вести за мене се смешни. Од друга страна, јас не знам кој е тој сериозен човек што ќе ги „попуши“ тезите дека мене треба некој друг да ми каже дали јас сум Бугарин или не. Велам, такви работи не приличат на озбилни луѓе. Па уште и на луѓе кои доаѓаат од Европскиот парламент, како на пример онаа неопена несреќа Ангел Џамбаски.
Бугарите не се перчат на некоја велесила во Европа, туку не бербатат нас, во суштина еден добар и пријателски народ. Срамно за Бугарите, не би сакал да употребам потежок збор. Срамен е и гестот од вчера, кога беше каменуван македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Благоевград. Ако вака Бугарија го замислува добрососедство и пријателство, би требало сериозно да се преиспитаат што всушност му прават на својот сосед. И ваквото однесување од Бугарите е, ќе речам уште еднаш, тешко да се разбере.
Што Бугарските власти ги мотивира за вакво однесување кон Македонија? Ваквиот гест, а за тоа Бугарите би морале да се замислат, претставува недемократска карактеристика на една земја која е членка на Европската унија.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.