Дејвид Керик, еден од најлошите сексуални предатори во поновата британска историја, кој 20 години работел во лондонската полиција, денеска е осуден на доживотен затвор поради десетици силувања и сексуална злоупотреба на 12 жени.
Ги искористивте жените на ужасен начин, рече судијката Боби Чима-Граб додека ја читаше пресудата со која заврши случајот што ја влоши кризата на доверба во Скотланд Јард, кој беше глув на предупредувањата за својот вработен. „Се однесувавте како да сте недопирливи“ бидејќи сте припадник на полицијата, додаде таа.
Во делот за обвинети, 48-годишниот Дејвид Керик ја наведна главата и не ги отвори очите за време на изрекувањето на пресудата.
Му беше судено за најмалку 85 кривични дела, вклучително и 48 силувања, кои се случија во периодот меѓу 2003 и 2020 година. За тоа време, тој беше унапреден во елитна полициска единица во главниот град, одговорна за заштита на парламентот и дипломатските претставништва.
Злосторствата на Дејвид Керик се дамка за нашата полиција, реагираше во соопштение министерката за внатрешни работи Суела Браверман, оддавајќи им почит на „храбрите“ жртви на Керик. Таа истакна дека „во нашите полициски сили нема место за вакво предаторско и грозоморно однесување“.
Полицијата пропушти девет пати можност да го уапси овој сериски силувач кој 17 години работел во безбедносните сили. Тој на крајот беше уапсен во октомври 2021 година, за првиот случај на силување, што ги натера другите жени да го пријават.
Овие жени не се плашливци (…) тие се жртви на вашиот криминален ум, рече судијката.