Пратеничката група на СДСМ е единствена околу прашањето за уставните измени и се надевам дека секој еден пратеник ќе биде на висина на задачата за исполнување на стратешките цели на државата, кажа потпретседателот на партијата, Перо Костадинов, во гостувањето во ТВ21.
„Многу значаен моментум е ова за нашата држава. Гледаме дека од најразлични страни во последно време се појавуваат ретроградни елементи на кои не им одговара овој процес“, рече Костадинов.
Тој порача секој еден пратеник да биде на висина на задачата и одговорностите што се пред него.
„Сега е шансата да покажеме дека стратешките цели на државата ни се заеднички. Ние можеме да контрирме меѓу себе за одредени програми, но за целите заеднички одлучуваме кои се тие. Да ги прашате и ВМРО-ДПМНЕ тие ќе кажат дека стратешка цел им е членство во ЕУ, верувам дека таму има луѓе кои сакаат прогрес на овој пат“, кажа Костадинов.
Костадинов истакна дека СДСМ е сплотена и се стреми за постигнување на државните цели
Разговараме за проширување на мнозинството со останување на сите партнери во коалицијата, вели Костадинов. Според него, СДСМ работи на зголемување на мнозинство со усогласување на програмите и кадровските потенцијали со новите коалициски партнери, без да има намера некој да замине од коалицијата.
„Ги следиме состојбите, мораме сите заедно како коалициска Влада што се стреми за државната цел, зачленувањето во ЕУ, да покажеме дека навистина сакаме и можеме и мораме да бидеме доследни. Ќе има серија на дополнителни разговори, а јавноста ќе биде информирана. Се надевам дека сите што сме на ЕУ патот ќе го направиме процесот поедноставен и побрз. Се надеваме дека заеднички со сите коалициски партнери ќе продолжиме понатаму“, кажа Костадинов.
Тој додаде дека СДСМ има јасни цели и програмски активности што ги следи.
„Нашите стратешки цели во одредени моменти чинат рејтинг но се главни стратешки цели на државата. СДСМ во многу наврати, секогаш кога е на власт, покажала дека државотворна партија. Има секакви шпекулации, но СДСМ е единствена и сплотена“, рече Костадинов.