Не може 30 години да живеете во држава во која никој не ви префрлил ниту еден збор и не ви кажал ништо и сега одеднаш тоа да не го цените и државата да ја прикажувате како држава која не ги почитува правата, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додавајќи дека правото на самоопределување е најсилно право.
Тој како чиста глупост ги оцени тврдењата на Христијан Пендиков дека во Охрид бил физички нападнат поради неговата бугарска национална припадност и дека Бугарите можат да бидат стрелани, а полицијата нема ништо да направи.
– Насилство не смее да има во никој случај и за ниту една причина. Во Македонија се почитуваат правата на секој граѓанин и на секој човек што се наоѓа на територијата на државата. Не ние, туку меѓународните институции ја оценија Република Северна Македонија како една од најбезбедните држави во регионот и како држава која е на 36-тото место по глобалниот индекс за мир. Тоа се е заради податоците, информациите и анализата која се прави за состојбите во државата, рече Спасовски во одговор на прашање при денешната посета на реновираната кујна на Единицата за брзо распоредување во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
Тој порача дека државата е тука за секој граѓанин без разлика на неговото етничко потекло и дека ќе се најде во нивната заштита.