Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ. На средбата се разговарало за состојбите во земјата и регионот, промените во владата и уставните измени како и за патот на евроинтеграциите.
„Билатералните односи меѓу двете земји се одлични. Северна Македонија и Хрватска имаат добри односи на сите полиња и Хрватска беше земја поддржувач на патот кон НАТО, но и кон Европската Унија, пат што земјата треба да го забрза со приклучување кон Европскиот фронт“, соопштија од Кабинетот на потпретседателот на владата.
Груби посочил дека во реформскиот процес кај нас честопати се земени предвид позитивните примери и реформи во Хрватска, кои се покажале како успешни и се воспоставени многу соработки со Хрватска.
Амбасадорката Тигањ ја истакнала целосната поддршка за уставните измени и вклучувањето на хрватската заедница во Уставот, како и за продолжување на преговорите за членство во ЕУ.
Груби го претставил и владиниот план за европскиот фронт и уставните измени и побара поддршка од Хрватска, но и од другите земји од Европската Унија и Соединетите Американски Држави за реализацијата на интеграциските цели.