Наводното руско принудно префрлање на илјадници деца од Украина е „веројатно најголемата присилна депортација во модерната историја“, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на настан на маргините на Советот за човекови права во Женева.
Најстрашното злосторство е тоа што Русија ги краде украинските деца. Тоа е геноцидно злосторство, рече Кулеба во видео-пораката емитувана во преполната просторија на првиот ден од состанокот на Советот во Женева, каде се разговараше за наводните руски воени злосторства во Украина.
Неодамнешниот извештај на експерти од Универзитетот Јеил покажува дека Русија држи најмалку 6.000 украински деца, а можеби и многу повеќе, на локации на Крим под руската контрола, како и во Русија, со примарна цел „политичко превоспитување“.
Во извештајот се додава дека најмалку 43 кампови и други видови објекти во кои се наоѓаат украински деца се идентификувани како дел од „голема системска мрежа“ управувана од Москва од почетокот на нејзината инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Меѓу децата се оние кои имаат родители или имаат јасно старателство, оние кои Русија ги смета за сираци, децата кои биле под старателство на украинските државни институции пред агресијата и оние чие старателство е нејасно или неизвесно поради војната, се вели во извештајот.
Некои деца биле спроведени низ системот и посвоени од руски семејства или преместени во згрижувачки семејства во Русија, пишува во извештајот.