Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска побара „прошка“ од жителите на провинцијата Адијаман за доцното пристигнување на спасувачките тимови, имајќи предвид дека областа на југоисточниот дел од земјата е меѓу најпогодените во катастрофалниот земјотрес од 6 февруари.
Поради разорниот ефект од двата земјотреса и лошите временски услови, не можевме да работиме како што сакавме во првите денови од катастрофата во Адијаман. За ова ве молам да ми простите, рече Ердоган при посетата на Адијаман.
Шефот на државата пристигна во овој град три недели по земјотресот во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и соседна Сирија. Турскиот претседател, кој е на власт 20 години и со амбиции да ја задржи функцијата по изборите на 14 мај, беше предмет на жестоки критики поради бавноста на земјата при помагањето на жртвите.
Толку многу згради и објекти беа уништени што за жал не бевме толку брзи како што се надевавме, рече Ердоган. Тој ги призна „неуспесите“ во одговорот на земјотресите, додавајќи дека е „невозможно да се биде целосно подготвен за катастрофа од вакви размери“.
Во Адијаман и во провинцијата Хатај луѓето изразија големо незадоволство од реакцијата на Владата на природната катастрофа. Мехмет Јилдирим тврди дека 34 часа по првиот земјотрес не видел „никого“, ниту државни претставници, ниту полиција или војска, тие биле „оставени сами на себе“.
Ердоган денеска вети дека ќе изгради околу 50.000 нови станови во Адијаман. Треба да се изградат околу 309.000 станбени единици во 11-те провинции погодени од разорните земјотреси.