Со официјално обраќање, премиерот Димитар Ковачевски го отвори вториот Економски форум во Скопје, во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија.
На Форумот присуствуваа влијателни личности од земјава и регионот, претставници на политичкиот и економскиот живот, меѓу кои, претставникот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис секторот.
За време на Форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапот на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, улогата на жените во обезбедувањето одржливост, странските инвестиции во Северна Македонија и регионот, како и за стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.
„Претходниот, прв Економски форум, се одржа во ек на корона кризата, а сега, две години подоцна, се соочивме со светската економска и енергетската криза, која предизвика забавување на економиите и раст на инфлацијата на глобално ниво. Владата, успеа да го сузбие растот на електричната енергија и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните со навремените мерки, со над 760 милиони евра.
Според податоците на Светска банка во регионот издвоивме највисока буџетска поддршка, дури 5% од Бруто-домашниот производ за справување со кризата.
Морам да напоменам дека сите мерки се носеа во партнерство со засегнатите страни, со поддршка од државите од регионот, на Европската Унија и нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави.
Економскиот форум годинава го дочекавме во уште еден голем предизвик, за кој сме сметале дека ваквите настани ќе бидат дел од историјата и таму ќе останат. Но, за жал, се соочуваме со воената агресија на Руската федерација врз Украина, која целосно ја измести гео-политичката сцена, оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме.
Сепак, и лошото искуство е поука. Барем ние, народите од овие простори сме поминале турбулентни историски моменти исполнети со конфликти, поделби, раздори, убивања.
Поучени од тие поделби и раздори, не треба да се вртиме кон минатото, туку треба да се фокусираме на иднината, на тоа како да ги подобриме нашите економии, како да им овозможиме на нашите граѓани подобар стандард и поквалитетен живот.
На денешните сесии ќе зборуваме за овие, како и други актуелни теми од значење за сите нас, креаторите на политиките во регионот и пошироко.
Секоја наша нова средба носи ново искуство, нова размена на идеи коишто ни помагаат на сите во различни домени и драго ми е што повторно се гледаме на Економскиот форум, кој на сите ќе ни ги отвори видиците за подобро утре на нашите сограѓани.
Горд сум што можам да ги пренесам заклучоците од неодамна одржаната Минхенска безбедносна конференција, каде Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност на Балканот.
Досега сум кажал, но пак ќе истакнам, веќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, туку кога ќе стане дел од ЕУ“, порача Ковачевски.