Украина денес е во 372-от ден војна, откако Русија изврши инвазија врз земјата.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговите сонародници ја преживеале зимата благодарение на напорите на власта да обезбеди електрична енергија и греење, но предупреди дека Русија продолжува да претставува закана за енергетскиот систем на земјата.
Над 10 станови се уништени во рускиот ракетен напад во текот на ноќта врз станбена зграда во градот Запорожје. Двајца цивили загинаа, а уште шестмина се пренесени во болница.
Украинската армија може да ги повлече своите војници од градот Бахмут, изјави вчера советникот на украинскиот претседател Олександар Родњански. Американските медиуми пренесуваат дека доколку дојде до ваква разврска на неколкумесечните борби за овој град во Доњецк, тоа ќе значи дека Русија ќе го заземе градот што стана симбол на украинскиот отпор.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска разговараа на маргините на состанокот на Г-20 во Њу Делхи помалку од десет минути.
Претседателот на Чешката Република во заминување, Милош Земан, денеска во Прага предупреди дека само неутралните земји можат да бидат потенцијални посредници во преговорите за завршување на војната во Украина, а „Кина нема да може да го стори тоа доколку ја поддржи Русија“.
Руските трупи со беспилотни летала нападнаа цивили кои стојат во редот за да добијат хуманитарна помош во областа Берислав во регионот Херсон. Девет лица се повредени, меѓу кои и едно дете.
Подготви: А. Ристески