Потресна видео снимка од брутална и ладнокрвна егзекуција на невооружен украински војник што веројатно ја спроведуваат припадници на руските окупаторски сили, се појави на социјалните мрежи на 6 март.
На видеото се гледа како заробен украински војник стои во плиток ров и пуши цигара. Во позадина се слуша говор на руски. Кога војникот изговори „Слава Украини“ се слушаат неколку рафали од автоматско оружје, по што жртвата паѓа на земјата.
Украина веднаш побара од Меѓународниот кривичен суд (МКС) да ја истражи оваа вознемирувачка снимка од социјалните мрежи.
„Ужасно видео од невооружен украински заробеник егзекутиран од руските сили само затоа што кажал Слава на Украина. Уште еден доказ дека оваа војна е геноцидна. Императив е обвинителот Карим Кан да покрене итна истрага на МКС за ова грозоморно воено злосторство. Сторителите мора да се соочат со правдата“, напиша Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба на социјалните мрежи.
Horrific video of an unarmed Ukrainian POW executed by Russian forces merely for saying “Glory to Ukraine”. Another proof this war is genocidal. It is imperative that @KarimKhanQC launches an immediate ICC investigation into this heinous war crime. Perpetrators must face justice.
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) March 6, 2023
И украинскиот претседател Володимир Зеленски, во своето вечерно обраќање, меѓу другото, зборуваше за видеото. Тој кажа дека „руските окупатори брутално убиваат воин“.
„Сакам сите во единство да одговориме на неговите зборови: Слава на херојот. Слава на хероите. Слава на Украина. И ќе ги најдеме убијците. Украина никогаш нема да го заборави подвигот на секој што ѝ помогнал на Украина. Вечна им слава на сите што го дадоа животот за слобода на Украина“, рече Зеленски на крајот од своето обраќање.
Видеото на кое се гледа бруталното злосторство наиде на осуда и згрозување од целиот свет.
Џ. Д.