РИБАРО
После вчерашното фудбалче во кабинетот на Груби во Владата, ДУИ за денеска најави пригоден бал со аргентинско танго помеѓу владините функционери од партијата, дознава АХА.
Не гледам ништо неморално и неетично во тоа што игравме фудбалче во мојата канцеларија, рече вицепремиерот Артан Груби во врска со фотографиите и видеото кои ги објави вчера, како со уште пет министри од партијата играат фудбал и кошарка во неговиот кабинет во Владата.
„Мора да шириме позитивна енергија, почитување и љубов, посебно во овие тешки кризни времиња, Денеска продолжуваме со аргентинско танго“, вели Првиот вицепремиер.
Тој истакна дека на балот во Владата се поканети да му се придружат и „огнените од ДУИ“, но како што рече во изјава за АХА, засега нема добиено потврден одговор дека ќе присуствуваат.
Запрашан дали ова е во чест на Осми марти, Груби рече дека тие ги почитуваат и негуваат правата на жените но дека ова е настан од отворен тип и ги најави паровите кои ќе го отворат балот.
Едниот пар за аргентинско танго ќе бидеме јас и Бесими, другиот ќе бидат Османи и Бектеши, за другите ќе мора да дојдете и да видите, истакна првиот вицепремиер Груби за АХА.
Изет Меџити од „огнените“, во изјава за АХА, вели дека сè уште не одлучиле дали ќе ја прифатат поканата, но како што истакна, тој со Груби танго нема да игра во никој случај. Не ја исклучува можноста евентуално да настапи во пар со Али Ахмети.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK