Шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак имаше телефонски разговор со советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џејк Саливан, при што го информираше својот колега за големите штети врз животната средина во Украина предизвикани од руската агресија и како тоа ќе влијае на екосистемот во Европа, објавија од Кабинетот на Зеленски, пренесува Укринформ.
„Јермак го информираше својот соговорник за актуелната ситуација на фронтот и за одлуките донесени од претседателот Володимир Зеленски и военото раководство на Украина во однос на текот на одбранбената операција во областа Бахмут“, се вели во соопштението.
Страните разговараа за меѓународните напори за обезбедување одбрана и финансиска поддршка на Украина, која се бори за ослободување на своите територии од руската окупација.
Како што е наведено во извештајот, шефот на Кабинетот на претседателот зборувал за киднапирање, депортација и насилно посвојување на украински деца од окупираните територии. Тој нагласи дека виновниците за овие злосторства против украинскиот народ мора да одговараат.
Јермак го информираше Саливан за големите штети на животната средина во Украина, нанесени од руската агресија. Тој истакна дека нејзините последици ќе се одразат на целиот европски екосистем. Затоа, според шефот на Кабинетот на претседателот, светот треба да вложи максимални напори да го запре деструктивното влијание на агресијата врз животната средина и да ја повика Русија на одговорност, како што е утврдено во украинската мировна формула.
Шефот на Кабинетот на претседателот се заблагодари на американскиот претседател, Конгресот и на целиот американски народ за постојаната и силна поддршка на Украина во нејзината борба за територијален интегритет, слобода и европски демократски вредности.
Како што објави Укринформ претходно, Јермак разговарал со генералот на американската армија за Договорот за безбедност во Кијив, кој предлага да се зголеми способноста на Украина да се брани за да се гарантира мирот.
Подготви: А. Р.