Пишува: СОЊА ТАНЕСКА
По серијата написи на ЦИВИЛ Медиа за можните финансиски злоупотреби на средствата од Агенцијата за филм за филмовите на режисерот Милчо Манчевски, Управниот одбор на Агенцијата донел заклучок да ги повика надлежните државни органи да ги проверат тие информации. Деновиве, се очекува органите да спроведат инспекциски надзор, по што е можно да следат санкции за злоупотреба на државните средства кои, исто така, треба да ги проверат документите за незавршени финансиски обврски од страна на Манчевски во врска со претходните негови проекти за кои веќе и неколку пати пишуваше ЦИВИЛ медиа.
Според документите со кои располага нашата редакција, Манчевски има незатворени финансиски извештаи за „Мајки“, „Врба“ и „Сенки“, но треба да се истражат и останатите негови проекти.
Токму затоа потребно е да се извршат проверки, бидејќи еден од условите за добивање средства од државниот буџет, во случајов – од Агенцијата за филм – е апликантот да ги има расчистено сите финансиски обврски од претходно, за што доставува изјава заверена на нотар.
Сепак, Манчевски, иако има доставено ваква изјава, документите покажуваат дека за три филма не доставил финансиски извештаи.
Според документите кои ги поседува ЦИВИЛ Медиа, оваа компанија е основана на 20.12.1996 година, а согласно договорот кој е склучен со „Банана филм“ ДООЕЛ, треба да го менаџира проектот за филмот „Врба“.
За овој филм конкретно, од Буџетот на проектот, за режисерот (Милчо Манчевски) се издвоени 10.080.174 денари / 163.905 евра, а неговиот личен асистент и консултантот по историја чинат вкупно 516.850 денари / 8.404 евра.
За развој на сценариото Манчевски е платен 3.843.750 / околу 62.000 евра, а вкупниот развој на филмот чини 13.501.434 денари / 219.535 евра.
Сепак, и покрај овие суми планирани во буџетот за филмот „Врба“, преку компанијата „Банана филм“ ДООЕЛ, на два пати се исплатени суми од 48,272,30 и 41,308 долари, или вкупно 85.000 евра, што според заедничкиот договор, се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски.
И од „Банана продукција“ не добивме одговор во оваа фаза што точно режисерот развивал во Њујорк.
Девет години Агенцијата за филм чека конечен финансиски извештај
Филмскиот проект со работен наслов „Како бебе“ или „Мајки“ на режисерот Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“ од Скопје , според документацијата која ја поседува ЦИВИЛ Медиа, не е финансиски затворен кон Агенцијата за филм.
Филмски фонд во неколку наврати со дописи до Манчевски бара да ги исполни своите обврски согласно Договорот, за што подоцна е склучен и Договор со ревизорска куќа за ревизија на проектот. Ревизијата не е спроведена.
Тогашната Влада на Никола Груевски „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.
Владата на 88 седница одржана на 28.07.2009 година донесува заклучок со кој се задолжува Министерството за култура средствата во износ од 24.800.000 денари / 403.252 евра да ги предвиди во буџетскиот циркулар за 2010 година, а Одлуката за финансирање по Конкурс е донесена на 11.08.2009 година, додека, пак, Договорот за финансирање е склучен на 31.07.2009 година со Филмскиот фонд, што значи пред донесување на Одлуката на УО на Филмскиот фонд.
„Мајки“ од Филмскиот фонд добива 55.800.000 денари/ 907.317 евра.
Исто така, и средствата се исплатени пред донесување на Одлуката (не е запазена соодветно законската процедура, а произлегува од притисоците кои вообичаено ги врши продуцентот).
- 9.000.000 денари уплатени на 05.08.2009 година
- 9.000.000 денари на 08.08.2009 година и
- 5.000.000 денари на 11.08.2009 година на денот кога е донесена Одлуката
Согласно извештајот на Филмскиот фонд изготвен на 16.04.2013 година, во својот наративен извештај продуцентот истакнува дека за промоција на филмот воопшто не добил средства и дека самиот ги обезбедил, што не кореспондира со фактичката состојба и документите.
Имено, спротивно на обврските од Договорот, продуцентот во неколку наврати префрлил средства за промоција кои ги нотирал во финансискиот извештај и се во висина од 125.000 евра на американската Quantum Comunications, средства кои не биле предвидени и одобрени во буџетот за финансирање на проектот.
Во извештајот од Филмски Фонд од 16.03.2013 година, констатирана е нејасна исплата од 12.000 долари. Поточно, продуцентот, со средства наменети за продукција на филмот, исплатил членарина за прикажување на филмот на филмски фестивал во 2010 во Торонто.
Премногу нејаснотии, а премногу пари на граѓаните се придружници на овие филмски проекти. И премногу молк од институциите.
Антикорупциска цел месец молчи
Антикорупциската комисија на 3 февруари за време на јавната седница посочи дека се чека извештај од Државниот завод за ревизија за да одлучи дали има основ за продолжување на постапката за утврдување на можни злоупотреби на средствата од Агенцијата за филм.
– Се работи на извештајот и очекуваме наскоро тој да ни биде доставен. Бидејќи има нови пријави за наводни нерегуларности, ќе почекаме да видиме дали тие се вклучени во ревизијата, а потоа, ако има потреба повторно ќе го отвориме случајот – објасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска, не прецизирајќи кога точно би бил готов извештајот бидејќи немале ингеренции да вршат притисок врз ДЗР.
На прашањето „Дали во рамки на истрагата се следат и финансиските трансакции за филмот „Мајки“, каде има нерасчистени финансиски извештаи и тој предмет не е затворен?“, од комисијата повеќе од еден месец нема одговор, иако за време на јавната седница посочија дека во интерес на времето ќе одговорат подоцна.
Милчо Манчевски, регистрирал фирма како Американец
Филмскиот Фонд во мај 2009 година склучил договор за финансирање Проекти од национален интерес со „Сенка Милчо Манчевски ДООЕЛ“ за поддршка, дистрибуција и реклама на играниот филм „Сенки“ со износ од 1.197.667 денари (19.500 евра).
Во член 4 од договорот стои дека корисникот е должен да направи наративен и финансиски извештај, извештај за готовинските парични текови на проектот со спецификација за вкупните трошоци со прилог документација за потрошените средства ( фактури и договори) со рок од 15 дена по завршетокот на дистрибуција и реклама на филмот.
Овој договор е склучен на 12.05.2009 година, а истиот е заведен во Филмскиот Фонд на 27.05.2009 година, додека пак за само два дена на 29.05.2009 е направен анекс на претходниот договор парите наместо на „Сенка Милчо Манчевски“ да се префрлат на „Банана продукција“.
Не постои запис кој објаснува која е причината за ваквата промена, а исто така нема ниту финансиски извештај за што и како биле потрошени овие пари.
Она што е интересно е дека, според документите Милчо Манчевски е сопственик на „Сенка Милчо Манчевски“ но заведен е како американски државјанин, додека пак компанијата покрај приоритетната дејност филмска продукција има регистрирана дејност за надворешна трговија со прехранбени и непрехранбени производи.
200.000 долари од Владата на Груевски за промоција за „Оскар“
„Сенка“ на 4 јуни 2007 во Њујорк ја доживеал прва затворена проекција. Го изгледале тие што учествуваа во неговото создавање.
Целата монтажа на „Сенки“ беше во Њујорк, а лабораторискиот дел од работата се правеше во Минхен. Првата клапа на „Сенка“, чиј работен наслов беше „Коски“, се случи на 17 август 2006 година. Се снимаше 63 дена на локации низ Македонија. За потребите на филмот беше изграден првиот филмски град во Македонија со површина од околу 2 илјади квадрати во халите на поранешната фабрика „Хемтекс“. Изградена е и црква во селото Сарамзалино.
Меѓународната екипа беше составена од 150 члена од 15 земји, вклучувајќи и волонтери од Македонија, Франција и од Португалија.
Филмот е во копродукција на Македонија, Германија, Италија, Шпанија и Бугарија. Актерската екипа на филмот „Сенки“ брои 90 македонски актери, а 12 од нив првпат се на филмското платно.
Сценариото за „Сенка“ е пишувано речиси две години.
Во декември 2007 година филмот доби и 200 илјади долари од Владата за промоција и дистрибуција каде се бореше со 62 филма за да влезе во најтесната селекција за наградата „Оскар“ за филм од странско говорно подрачје.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА