Војната во Украина со сите нејзини последици кои несомнено предизвикуваат тектонски поместувања и сериозно ја разнишуваат рамнотежата на светот што го познававме досега, ќе донесе суштински преструктуирања во однос актуелниот светски поредок и сферите на влијание и доминација.
Без разлика што на ова ново преструктуирање темпото му го даваат големите сили и сојузи, тоа секако ќе влијае и ќе ги повлече и сите останати земји во светот. Нема никакво сомневање дека изборот на Северна Македонија, според соговорниците на Рацин.мк на оваа тема, е веќе определен и во новиот светски поредок нашата земја ќе биде на страната на демократските земји.
Оваа определба произлегува од веќе утвтрденото членство на Северна Македонија во НАТО, од отпочнатите преговори за членство во ЕУ, и од статусот на партнер во стратешкиот дијалог со САД, од што природно произлегува дека нашите сојузници во овие процеси се Европската Унија и САД.
Во разговорот што на оваа тема го имавме со министерот за надворешни работи Бујар Османи, тој го потенцира исклучително индикативниот ангажман на САД во Европа и на Западен Балкан.
„Важно е дека Американците го задржаа сериозно фокусот на Балканот, особено администрацијата на Бајден. Војната во Украина, се разбира, даде уште повеќе тежина бидејќи регионот е сериозна платформа за Руската Федерација да ја минира Европа од внатре. Освен од надвор преку Украина, и од внатре“, истакнува шефот на македонската дипломатија.
Затоа сите овие напори, укажува министерот Османи, да се затвораат важните прашања во регионот како што се односите Косово-Србија, да се забрза процесот на функционалност на Босна и Херцеговина, да се консолидира европската идеја во Северна Македнија и стратешкиот дијалог како сериозен механизам за односите САД-Северна Македонија, сега доаѓаат до израз.
„Ние сме прва држава што го започна стратешкиот дијалог што е уште едно признание за нас од страна на САД и САД се за нас партнер без кој се не може во однос на нашите интереси како држава“, посочува Османи.
Времето оди во прилог на „Отворен Балкан“
Во тој контекст треба да се гледа и на нагласеното инсистирање на Американците за „Отворен Балкан“ и лобирањето на американските допломати и специјални пратеници на Белата Куќа во регионот за да ја приближат идејата на оваа иницијатива и да ги убедат скептиците како што се Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина да ги видат придобивките од неа, меѓу кои сега во прва план се истакнуваат и политичките.
„Две причини би издвоил зошто треба да се смета на „Отворен Балкан“. Прво заради потребата од помирување во регионот кое нема алтернатива. Што е крајот на овие односи во Западен Балкан освен следење на француско-германското помирување. И тие поминаа меѓусебни воени конфликти. 200 илјади деца се убиени само заради Алзас Лорен. Денеска Французите и Германците се најголеми пријатели. Така ќе мораме и ние. „Отворен Балкан“ освен што е економска платформа за зголемување на потенцијалите на регионот за инвестиции, за слободна трговија, е и платформа за помирување“, нагласува министерот за надворешни работи Бујар Османи.
За Османи како подеднакво важна причина „Отворен Балкан“ сега да биде прифатен целосно е Србија да биде во друштво со земји членки на НАТО, со земји коишто споделуваат вредности на либералниот и демократски свет.
Во таа насока од огромнo значење ќе биде приближувањрто на разликите меѓу Косово и Србија, што може да влијае и на поголемата доверба во „Отворен Балкан“.
„Се разбира, не само кон ОБ, туку и воопшто за соработката во регионот целосно. Затворањето на косовско-српскиот спор и придвижувањето кон европскиот пат на сите 6 семји од Западен Балкан сериозно ќе го стабилизира и ќе го зголеми интензитетот на соработка во регионот“, вели Османи.
Од брифингот за оваа анализа на Рацин.мк произлегува дека „Отворен Балкан“ освен што либерализира економски и административни бариери и олеснува слободен проток на луѓе, има потенцијал да создава амбиент за помирување и за спроведување на евро-атлантските вредности.
„’Отворен Балкан’ е отворен концепт и додека нема конечна форма секој гледа различна перспектива. Економистите и бизнисмените гледаат бизнис можности, политиколозите гледаат друга перспектива, јас се обидувам да видам севкупна перспектива: Економската, помирувањето, задржувањето на сите земји во регионот во системот на евро-атлантски вредности, што значи демократија, човекови права. Бидејќи светот повеќе не се дели на географски блокови, туку на авторитарни и демократски системи, ние сакаме сите држави во регионот да бидат дел од демократскиот свет, а не да бидат под влијание на авторитарните режими“, истакнува министерот за надворешни работи Османи.
Итно затворање на отворените прашања на Западен Балкан како приоритет
Универзитетскиот професор по меѓународни односи и поранешен амбасадот во НАТО Нано Ружин најавува дека контурите на новиот светски поредок од една страна ќе ги исцртаат земјите на западната демократија и коалицијата што е против војната во Украина, и, од друга страна, оние што ја покренаа и што ја поддржуваат и што во мнозинство се авторитарни режими, меѓу кои покрај Русија, тука се и Кина, Иран и уште некои, но не сите, од БРИКС.
„Во тој нов контекст Европа и САД, кои за прв пат после подолго време најдоа заеднички јазик, и се решени да ги хомогенизитраат европските земји со либерална демократија кон кои се определија мнозинството од посткомунистичките држави“, вели за Рацин.мк професорот Нано Ружин.
За таа цел Американците, во соработка со Европа, вели Ружин, се одлучни да ги затворат и отворените прашања на Западен Балкан и после подолго време веќе се гледаат и првите посериозни придвижувања.
Направен е пробив во односите Белград-Приштина, Косово доби визна либерализација, во борбата со корупцијата се креираат црни листи на корумпирани политчари, поддршка добиваат проектите за консолидирање на општествата за поголемо владеење на правото и за поддршка на граѓанските организации.
Зоран БОЈАРОВСКИ / Рацин.мк