Сите појдовни и дојдовни авионски летови во Грција ќе бидат откажани в четврток поради 24-часовниот национален штрајк на различни грчки синдикати. Ќе штрајкуваат и контролорите на летање, соопшти денеска нивниот синдикат.
Штрајкот ќе започне утре во 23:01 часот (една минута по полноќ в четврток по локално време) и ќе трае 24 часа, се вели во соопштението. Грчките авиокомпании соопштија дека патниците биле известени.
Главните синдикати во земјата повикаа на штрајк против дефицитарните безбедносни стандарди во јавниот превоз. Тие бараат целосна истрага за големата железничка несреќа што се случи пред две недели во централна Грција.
Педесет и седум лица загинаа во директен судир на патнички и товарен воз, а повеќето од жртвите се на возраст под 30 години. Оттогаш во Грција се одржаа серија штрајкови и протести.
Докажано е дека управникот на станицата во градот Лариса го насочил патничкиот воз на погрешни пруги, но истрагата покажува дека, покрај човечката грешка, веројатно придонеле и лошите услови на грчките железници.
Г.Т.