Бугарското министерство за надворешни работи вчера реагираше во однос на барањето на претседателот Стево Пендаровски за извинување од Софија во однос на прогонот на македонските Евреи во 1945 година од страна на тогашната профашистичка влада.
Од таму велат дека „обвинувањето на Бугарија е дел од севкупната злонамерна политика на властите во Македонија, која има за цел да го претстави бугарскиот народ како „фашистички“. Посочуваат дека „Бугарија отсекогаш гледала на периодот на Втората светска војна со посебна грижа за сите 6 милиони Евреи кои загинаа во холокаустот, вклучително и 11.000 Евреи убиени во нацистичките логори на смртта“.
Од друга страна, дел од експертската јавност не се согласува со ваквиот став на бугарските власти.
Универзитетскиот професор Михаил Иванов и поранешен советник на екс претседателот Жељу Желев, во разговор за „Локално“ вели дека преземената одговорност за депортацијата на Евреите од Тракија и Македонија треба да биде непроменлив елемент на бугарската државна политика и да биде потврдена од следните бугарски претседатели и влади.
-Згора на тоа, Бугарија и должи извинување на еврејската заедница и особено на потомците на невините жртви за принудното префрлање (депортирање) на повеќе од 11.000 Евреи под ужасни услови во соработка со Германија, што според Статутот на Нирнбершкиот трибунал е злосторство против човештвото. Несомнено, ваквото извинување, кое го диктира човечкиот морал, ќе придонесе за поволна атмосфера во односите меѓу нашата земја и Северна Македонија. Во оваа смисла, мислам дека апелот на господинот Пендаровски е во вистинска насока, посочува Иванов.