Остра реакција на бугарските власти по бришењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
Според заменик министерот за надворешни работи, Костадин Којабашев, постапките на македонските власти се тенденциозни и ги ограничуваат правата на Бугарите во нашата земја.
„Институциите во Скопје не презентираа никакви вистински документи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија. Тие ја донесоа својата одлука единствено и само преку непринципиелно, еднострано и тенденциозно прикажување на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Од Скопје конечно добивме официјална информација во врска со палењето на зградата на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола пред речиси една година. Бевме изненадени кога дознавме од неа дека наместо сторителот да се гони во целост од законот, обвинителството се договори со обвинетиот да добие најмала казна. Сметаме дека токму овој пристап ќе поттикне и ќе продолжи да поттикнува натамошни напади врз другите Бугари и бугарските организации во РСМ“, изјави заменик министерот.
Потсетуваме дека властите официјално го избришаа бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола од Централниот државен регистар. Одлуката е последица на измените на Законот за здруженија и фондации што лани ги донесе Собранието кој им даде 3 месеци на бугарските клубови во Битола и Охрид да си ги сменат имињата.
Но, тие категорично одбија, а Бугарија пред неколку дена го зацврсти тонот, дефинирајќи ги овие постапки како обид на македонските власти за „репресија врз бугарските организации“.
Претседателот на бугарскиот клуб, Љупчо Георгиевски најави дека ќе ја обжали одлуката во Стразбур.