С. Македонија е вклучена во Алијансата која што е за мир во Украина и се спротивставува на инвазијата. Ние учествуваме и солидарно со испраќање на оружје и авиони. Со оглед дека регионот се смета за „буре барут“, можеме да кажеме дека членството на С. Македонија во НАТО придонесува тоа „буре“ да се „угаси“ и да се маргинализира, вели во изјава за „Локално“ поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Нано Ружин по повод три годишнината од членството на земјава во Алијансата.
Според него, тоа што се случува во регионот и иницијативата на ЕУ и САД за дијалогот Приштина-Белград и да се надмине проблемот меѓу Скопје-Софија и да се среди состојбата во БиХ, е знак дека меѓународната заедница решила регионот да се среди во овој период и да нема изненадувања.
„Мислам дека постепено овој лош епитет ќе исчезне и ќе зборуваме за Балкан како дел од ЕУ“, истакнува поранешниот амбасадор.
Според Ружин, денешниот датум можеме да го одбележиме со задоволство бидејќи остварени се огромни резултати во повеќе домени.
-Почнувајќи од геополитиката, во С. Македонија подобро се живее во смисла на тоа дека безбедноста на државата е зајакната во овие немирни времиња. Од една страна тоа е добра за самата држава, но и за целиот регион, бидејќи на тој начин е направен геополитички мост – Грција, Бугарија, С. Македонија, Црна Гора до Хрватска и Јадранско море. Имаме коридор кој што е значаен за нашите сојузници, вели Ружин за „Локално“.