Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Во 1974 г. професорот по менаџмент Џери Харви од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, во статија опишал парадоксална случка при посетата на родителите на сопругата (бабата тешта и дедото тест, што би рекле). Било жешко лето и затоа и отишле на село кај нив. Набргу сите се нашле во мрзливо попладне, кога, наеднаш, дедото предложил да се провозат до соседното гратче Абилен, на шеесетина километри од селото и таму да јадат нешто. Харви веднаш ја поддржал идејата, а и сопругата по него, па набргу и тештата се согласила, без приговор. Здодеани и иритирани од горештината, од прашливите ветришта, од неклиматизираната кола, на враќање, прва проговорила тештата дека уште од почетокот сметала дека одење до Абилен е ужасна идеја и дека повеќе сакала да си остане дома. Сопругата на Харви веднаш потоа се јавила, дека ѝ станало незгодно да одбие, бидејќи сопругот и татко ѝ веќе се сложиле, но Харви потоа рекол дека не сакал да го одбива предлогот баш тој, кога предлогот е за сите. Сега и дедото рекол дека и тој не сакал многу-многу да патува до Абилен, ама го дал предлогот затоа што му изгледало дека сите се досадуваат…
Статијата на Џ. Харви носи наслов „Абиленски парадокс: Менаџмент на согласноста“ и под името Абиленски парадокс е вклучена во неформалните грешки на резонирањето. На компаниите денес им е полесно што грешката е именувана и ставена во менаџерските учебници, затоа што овој парадокс во пракса се јавувал многу почесто како проблем во внатрешното менаџирање, отколку што се јавувале конфликтни ситуации. Очигледно, ваквите стапици влијаат на напредувањето на една организација. Абиленскиот парадокс може да ја задуши креативноста на тимовите, а богами и да доведе до хаварија (се смета дека извор на трагедијата со Челинџер од 1986 г. е ваква ситуација). Така, сесиите со „бури на идеи“ (brainstorming) во организациите воопшто не се западно помодарство, туку се, дословно, заштита од проблеми.
Ако замислиме ваква подолготрајна и повеќекомпонентна сесија во која секој индивидуално може да каже каде конкретно гледа проблем, и во поголеми, и во огромни, па и во „сенародни“ групи, тогаш концептов за борба против појава на Абиленски парадокс, односно, за отворена рецензија на одлуки, ја индуцира суштината на демократијата. Имено, слободата на говор не е за слободно да се изомаловажиме, испцуеме и исколнеме, туку за слободно да придонесеме, и во превентива од проблеми, и во решавање проблеми.
Деценија и пол подоцна, истражувачот Јунхо Ким дава аргументи дека Абиленскиот парадокс, иако навидум сличен, е длабоко различен од групното мислење (Groupthink). Под групно мислење Ким подразбира всушност групна согласност. Кога согласноста е за нефункционално тврдење или одлука, изведени со лошо расудување и невистини, инсистирањето на нив потсетува на ботските бригади од поновиве времиња, познати по ширење и консолидирање на некоја опција, рушејќи ја природната здраворазумска бариера, со цел – вештачко зголемување на шансите за реализирање на конкретната опција. Групната согласност се одвива во добро расположение заради унисоноста на одлуката, за разлика од Абиленскиот парадокс во кој сите се мизерни од таа унисоност. Кога човек ќе помисли, Абиленски парадокс многу тешко може да се случи меѓу помали деца или нарцисоидни карактери. Тој се храни од комплексноста на односите меѓу нормални, пристојни луѓе, од заемната грижа и солидарноста, особено во неформална група.
Додека заглавените во Абиленскиот парадокс трошат енергија за баланс меѓу индивидуалните мислења и кохезијата на групата, групните согласувачи, се ослободени од двете. Немаат некое силно индивидуално мислење, не се особено желни да прават одлуки, а за одговорност и да не зборуваме, всушност највисока желба, а можеби и мотив за приклучување кон група која опстои преку групната согласност е ослободување од индивидуалната одговорност, личното „оневинување“ однапред за одлуките и ненапор во одлучувањето. За надворешен од групата, ова може да биде јадица за влез. Но, „оневинување“ за сите времиња е само желба која никогаш не им се остварува, идеал за кој, парадоксално, длабоко загазуваат во грешки (и нелегалности), само за да не им се сруши. Групната согласност е рај за мрзливци и неодговорни, а доколку согласноста е за нелогични, нефункционални работи или директно невистинити како кај ботските бригади, тогаш таа е со потенцијал за хаварии далеку поголеми отколку при Абиленскиот парадокс.
Имено, во група која доживува Абиленски парадокс човечката солидарност и обзири кон другите се авентични, таа група има сосем други основи за своето постоење, колку и маки да мачат со кохезијата, која им е комплицирана од најчовечки причини, а нивниот грев е неизречноста (non-assertiveness). Но, кај група што шири погрешност (ботска група би ја нарекла), поврзаноста, кохезијата исклучиво зависи од поддржувањето на таа погрешност и нетрпењето докази за спротивното. Секој со нормално логичко расудување е непријател, бури на идеи нема (но, лесно може да си направат таков театар) и за да функционираат, стануваат зависни од тоа дека Мислачот е водачот. Водачот е Мислачот. Точка. Извичник. Ако може, и да се направи вовче (bandwagon) кога ќе дојде до дејства врз основа на одлуките на водачот (како толпата и дејствата на 27-ми април, како нерегуларности при гласања, како бојкот на попис или референдум, собири во епидемија, итн.)
Во сведочења на луѓе, пак, кои на суд образложуваат како ја злоупотребиле службената должност, изгледа како клучните моменти да се ситуациии на Абиленов парадокс, некој вид неволна согласност, за „повисоки“ цели. Скоро ефектот од Милгрaмовиот експеримент. Така, наместо прегрнување на хиерахиската одговорност во рамки на формален државен систем (сега се гледа двостраниот однос, колку системот ќе биде „како што треба“!), на лицето му се случила иницијација во ботска група. Замената на мериторност од еден формален систем со лојалност кон група со многу проста хиерархија, се случила со злоупотреба на чувство на првична неволна согласност, но која набргу станала групна согласност, бидејќи никој не може да живее во мизерноста на Абилен. Ваквата замена го повредува системот, влече огромна енергија од него и му го снижува нивото. Цивилизацискoто и функционалното ниво , воедно. Тоа е и врската со корупцијата, или барем делот со иницијации во коруптивниот механизам. Ако погледнеме погоре, ќе се види веднаш дека демократијата и принципот на мериторност се во директна, правопропорционална врска. И двете се чувствителни на РЕЦЕНЗИЈА.
Познавањето на Абиленскиот парадокс и групното мислење, т.е. свеста за нив е доволна за да се спречат. Да идентификуваме во што се состои коренот на неволната согласност и да бидеме поизречни (ова особено важи за многу жени!), но да внимаваме и на разните расудувања – добро да знаеме во што се состои мислењето на водачот на група со групна согласност. Кога мислењето, (тврдењата, одлуките) се засновани на вистинитост и добро расудување, тогаш неволноста во согласувањето е непотребна несреќа за поединецот и непотребно ја слабее неговата поврзаност со другите. Обратно, кога тврдењата /одлуките се засновани на невистини или нелогично расудување, тогаш да нема место за неизречност. Некои, пак, веднаш се склони да влезат во радостите на групната согласност, игнорирајќи ја дисонантноста на неточностите, без загриженост дека тие го кочат напредокот за секого и за сите. Лицето кое е изречно против неточноста, во ваква група „го стрелаат“, а она кое се согласува (радосно или неволно) станува, воедно – и жртва на наративот, и напаѓач на други со тој наратив, како некаква заразна чума. Оттаму и поларизацијата во општеството. Цели партии и нивни приврзаници, како трампистите или вмровистите кај нас, унисоно шират бучава од „рамноземјаштво“ против вистинити факти од секаков вид – од научни до тие пред носот, што се на очиглед. До денес, има луѓе во страв да не им се случи нешто лошо (што, лично, мислам дека денес е претерано, за разлика од 2014-2017 г.), од страна на големи ботски групи кои загазиле од глава до петици во вртоглава спирала од групна согласност во нефункционални, нелогични работи.
Да се сетиме, групна согласност може да има, и за стремеж кон вистината, и за невистини. За првото, треба да знаеме зошто се согласуваме, да ја разбереме исправноста на расудувањето и вистинитоста, но групната согласност со подлога од невистини е несреќа за поединецот и општеството заедно. Има една голема струја во нашето општество кое ја форсира идејата на „повеќе вистини“. Тоа е отварање простор за да се доведат вистината и невистината на исто рамниште – како „различни мислења“. Од нас таа струја очекува да влеземе во Абиленски парадокс за ова сеопфатно чадор-тврдење преку теми каде што се посејува, најчесто под конзервативен параван. Но, тврдам дека ниту индивидуа, ниту општество може да биде напредно и среќно ако не разбира концепт на единствена вистина која е и фактички вистина. Стремежот кон неа е носталгичното обединување по кое кукаме. Тој не е налик на насилната ботска групиранка низ којашто поминавме во груевизмот, туку е систем од индивидуи кои знаат да најдат добра информација, кои не ги мрзи да применат квалитетно логично расудување и кои барем елементарно преиспитуваат пред да дојдат до заклучок. Луѓе кои прават макар најелементарна рецензија на она што им е пред носот.
Врева од невистини не е слобода на говор, таа е цензура на вистината. Рецензијата се стреми кон вистината со правилни расудувања, а ботското ширење на нелогичност и невистини е, дословно, цензурирање на чекорите до вистината. Таа е една, а невистини има многу, па погрешното применување на слободата на говор води до гушење на стремежот кон вистината. Затоа, оние кои не ја сфаќаат разликата меѓу рецензија и цензура, крајно време е да ги отворат речниците и да ја разберат разликата. Злоупотребата на слободата на говорот за прекумерно и злонамерно ширење невистини е цензура. Рецензирањето и саморецензирањето е стремеж кон вистинитоста, во добра волја и кон функционалност за сите.
Практично секој ден имаме примери за задушување на правилното расудување преку „кромидарски” вести, кои очигледно се шират злонамерно и инсистентно од ботски групи. Аурата на „бунт на малиот човек“ против „злобниот владетел“ е привлечната ботска патетика која го кочи разумот и расудувањето. Некои неволно, а некои со неразумно инсистирање се согласуваат на ширење лигави патетики (колку не чинело ништо, итн., итн…), при што всушност шират енормна сеопшта несреќа, исклучиво за личните „радости“ на групното немислење.
Тажен доказ за реалното кочење на напредокот (и рикверцот) на Македонија се законите правени пред 10-15 години на неписмен начин, со нула добро расудување. Многу закони, евидентно, се сменија на попристојно ниво во последните 5 години, тоа секој може да го забележи, но таа хиперпродукција на неписмени, неправедни закони од груевизмот тешко се искоренува, во преплет се. Дури и површински евидентна е огромната неписменост: Во градежништвото и домувањето – имаше проценти кои се собираат над 100%, во образованието – елаборации во закон колку минути се работи тест, закон за одземање на ингеренции на највисоките стручњаци и парчење низ нестручни комисии, фиксни бројки, суми и имиња на луѓе – во членови од закони, број на отчукувања на срце на фетус (!) како метод на измачување – во закон… А останатото – чиста репресија со стравотно високи казни за сѐ и сешто, па дури и ако никако не можете да стигнете до 110% во односот меѓу површината на куќата и дворот! Тоа ли сакаме да се врати? Преку парапетче од немислење, со мрза за проценка?!
ВМРО-ДПМНЕ сега одмара од правење неписмени закони и шпалири од мртви палми, врби, бродови и споменици, но на тој нивен нагон за кршење на сиот порцелан кога „помагаат“, институционално му е дадено поле да се остварува. ВМРО-ДПМНЕ е далеку од „заштитник“ на македонската нација, како што сама си се прогласува, не само затоа што во минатото ја ограби и во голема мера ѝ го преинсталира системот во поназаден, туку затоа што сеуште е дупка од незнаење и некомпетентност. Таа партија опстои само на ботските бригади, радоста на плукањето и гушењето на знаењето (ако не го сметаме маслиновото масло). Таа самата има карактеристики на ботска група, како да е јадро на поголема група во „весела“ слепа согласност за хиперактивно турни-буфни, заедно со многу медиуми. Еве, последно, како поинаку да се разбере „предлогот“ за враќање пред 2001 година освен како неписменост? Ни пред пописот не прочитале што е „национална држава“ кога неписмено повикаа на бојкот, ни сега, кога се на маса не разбираат дека во Македонија нема совпаѓање меѓу државните и културните граници. Таа клика нема поим што прави.
А ние, нема да живееме добро со поводливост за плукање, затоа што „привлечно“ плукнал првиот бот. За да постигнеме подобро општество кое ќе ни служи нам, на граѓаните, од наша страна е потребно да се наоѓаат, проценуваат и разбираат информациите. Да има паметни, функционални идеи, без малодушност. И без ЕУ да ги качиме стандардите за секоја област, да имаме инструменти да ѝ висиме над глава, и на корупцијата, и на некомпетентноста. Дајте еднаш да ги тргнеме смутливците со неписмените закони и неписмените предлози, доста беше и од неодговорната навивачка согласност за нефункционирање, и од мизерната неизречност за како да биде.