Жените кои не носат хиџаб нема да можат да влезат во метрото во Техеран, објави денеска иранската државна телевизија.
Во метрото во главниот град на Иран ќе се формираат специјални групи кои ќе го следат спроведувањето на новото правило.
Голем број Иранки, особено оние во големите градови, одбија да ги почитуваат правилата за носење хиџаб и ќе продолжат да протестираат под слоганот „Жени, живот, слобода“, но во поиндивидуална форма, пишува „Гардијан“.
Воведувањето на новата регулатива од иранските власти доаѓа откако девојчињата во средните училишта во Техеран и други градови продолжуваат да пријавуваат напади со труење, пишува британскиот весник, додавајќи дека вчера најмалку девет училишта биле нападнати.
Мохамед Хасан Асефари од Комисијата за верификација на факти изјави дека безбедносните агенции не се во состојба да ги идентификуваат сторителите, додека Министерството за здравство соопшти дека се уште не утврдило за каков отров станува збор.
Извршниот директор на компанијата „Tehran and Suburbs Metro Operation“, Масуд Даршти најави формирање на штаб за чедност и хиџаб, кој ќе издава потсетници за патниците во врска со новите правила.
Во градот Исфахан веќе е забележано дека на жените кои не носеле хиџаб им бил забранет влез во метро, наведува „Гардијан“.
Иранската Влада во саботата соопшти дека ќе постави улични камери, како и дека ќе користи веќе постоечки сообраќајни камери, за откривање на жени кои не се придржуваат до кодексот на облекување, а прекршителите ќе бидат парично казнети.
Од локалната полиција најавија дека тие ќе добијат „СМС пораки со предупредување за последиците“.
Претходно иранските власти изјавија дека жените кои ќе бидат приведени поради неносење хиџаб ќе бидат парично казнети со 19 фунти. Истовремено, автомобилите во кои ќе има жени без хиџаб ќе бидат одземени на 20 дена доколку возачот претходно го сторил истиот прекршок.
Според шеријатскиот закон во Иран, кој беше донесен по револуцијата во 1979 година, жените се обврзани да ја покриваат косата и да носат долга, широка облека за покривање на нивните тела. Оние кои нема да го почитуваат овој закон ќе бидат јавно опоменети, казнети или уапсени.
Г. Т.