Работиме на дигитална трансформација на општеството и се приближуваме до европските и светски трендови, преку зголемување на ефикасноста, ефективноста и транспарентноста на јавните услуги, во објава на Фејсбук истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Тој нагласува дека „со АДА дигиталната алатка, граѓаните, бизнис секторот и заинтересираните инвеститори ќе добиваат одговори на прашањата поврзани со Програмите за државна помош и поволностите кои ги добиваат за инвестирање во нашата земја“.
Македонската економија станува поконкурентна и поефикасна, а води кон повисоки плати, пензии и нови инвестиции, потенцира Маричиќ.
Владата денеска официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција.
Од денес АДА стои на располагање на компаниите на кои ќе им овозможи добивање целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите, информираат од Владата.
Преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош, и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици, македонски, албански и на англиски на интернет адресата: ada.gov.mk.