ВМРО лаже, многу и бесрамно или пак можеби едноставно не разбираат, објави попладнево првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на Фејсбук, откако претходно, исто така, во објава на оваа социјална мрежа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски го обвини дека станува „фабрика за производство на лажни вести“ и дека компанијата „Бехтел и Енка“ на тендер во Србија учествувала со двојно поевтини суми отколку кај нас.
Груби во објавата посочува дека „Бехтел и Енка“ гради автопатот во Србија без тендер, со посебен закон, со истиот договор како и нашиот, поскапо по километар отколку кај нас и со многу поскап консултант отколку кај нас.
Почитувани граѓани, не дозволете да ве лажат: ништо не може да ја спречи изградбата, само ја прави поскапа и подолга. Блокадата на ВМРО и Левица може да ги чини граѓаните над 100 милиони евра и две години подолга изградба на автопат. Пратениците одлучуваат дали автопатите ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо, додаде Груби во објавата.
Претходно и владејачката СДСМ во соопштение истакна дека „хајката на ВМРО-ДПМНЕ против најголемиот инфраструктурен проект во државата за изградба на коридорите 8 и 10д е демаскирана“.
Со истиот посебен закон и со истиот договор конзорциумот Бехтел и Енка гради и во Србија, каде што државните власти вчера пуштија во употреба дел од автопатот на Моравскиот коридор, се наведува во соопштението, додавајќи дека „лагите и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието не можат да ја запрат изградбата, туку само ја поскапуваат и го продолжуваат рокот за завршување на штета на граѓаните и на државата“.
Г. Т.