Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ изјави денеска дека Србија мора да воведе санкции против Русија доколку сака да влезе во Европската унија, објави Бета.
Доколку Србија сака да влезе во ЕУ, мора да стави крај на овој тип на односи со Русија, мора. Мора да воведе санкции, им изјави Милановиќ на новинарите по прославата на 1 мај во организација на Сојузот на независни синдикати на Хрватска.
Тој му порача на Белград дека војната во Украина трае повеќе од една година, а тие се уште не се изјасниле „каде се“.
Коментирајќи ја вчерашната средба меѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и српската премиерка Ана Брнабиќ во загрепски Бански двори, Милановиќ истакна дека него го сметаат за русофил, додека премиерот (Андреј Пленковиќ) „најнормално наоѓа и подготвува некакви големи, но прилично нејасни планови со луѓе кои се руска платформа во Европа“.
Брнабиќ е портпаролка, таа е курир на господинот Вучиќ. Секако, тоа не го потценувам, но треба да знаете кој каква улога игра, додаде Милановиќ и ја повика Србија да престане „да зборува за етничко чистење во Хрватска“.
Српската премиерка вчера учествуваше на Големото собрание на Српскиот национален совет (СНВ) во загрепската концертна сала Ватрослав Лисински.
СНВ не ги застапува Србите во Хрватска, тоа е измама и не е репрезентативна институција, изјави денеска Милановиќ.
Г. Т.