„Најповолен амбиент за руска пропаганда од земјите на Западен Балкан има во Србија. Со започнувањето на руската агресија врз Украина, сите оние принципи на слободно новинарство беа погазени. Русија уште повеќе ја зголеми бруталната репресија врз руското новинарство, што понатаму како домино ефект се одрази на останатите земји“, истакна новинарот Драган мишев на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.
Мишев ги посочи како пример над 500 злосторства врз новинари што се случија во Украина од почетокот на руската агресија.
„Што се однесува, пак, до пропагандата во Македонија, таа, за разлика од Србија, не е толку голема. Сепак, има голем број на проруски поддржувачи, меѓу националистичките групи кај Македонците, кои линкот го гледаат во некое православно братство со Русија, иако и во Украина се православни“, рече Мишев.
Мишев потенцираше дека ако руската пропаганда ја ширеа медиуми од кои се очекуваше такво нешто, сега дури и мејстрим медиумите, директно или индиректно придонесуваат кон нејзино ширење.
„ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи вложува огромни напори да го демаскира рускиот наратив кој се пласира по македонските медиуми. Но, мора да признаеме дека тие наративи, и покрај сиот напор, опстојуваат во нашата земја, со индиции за негово зголемување. Наше е да ги откриеме, но додека вистината ја облекува кондурата, лагата веќе го свртела половина свет“, изјави Мишев.
Во контекст на Извештајот на Репортери без граници за слободата на медиуми, и покрај нотираниот напредок на нашата земја, Мишев истакна дека ако правиме паралела со 2016 година, тој напредок е за 80 места.
„Извештајот нотира и дека покрај напредокот, сепак, многу се раширени дезинформациите и владее одреден непрофесионализам што доведува до опаѓање на довербата во медиумите во нашето општество“, истакна Мишев.
Б. Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети / Цивил Медиа