Рускиот суд и одреди притвор на наградуваната режисерка Евгенија Беркович, обвинета за заговарање тероризам во една од нејзините театарски претстави, а одлуката доаѓа во момент на задушување на слободата на говор во Русија од почетокот на инвазијата на Украина, пишува Ројтерс.
На 38-годишната уметничка и се заканува казна затвор до седум години, а ќе биде во притвор до 4 јули, соопшти судот во Москва.
Евгенија Беркович во четвртокот беше повикана на рочиште заедно со драматургот Светлана Петричук (43).
Според руските опозициски медиуми, Светлана Петричук во текот на денот ќе биде изведена пред истиот суд како и Евгенија Беркович.
Тужбите против нив предизвикаа изненадување во рускиот театарски свет.
Двете жени се осомничени за поддржување тероризам во драмата напишана од Светлана Петричук, а во режија на Беркович во 2020 година.
Драмската претстава „Финиста, храбриот сокол“ во која глумат само жени, раскажува за Русинки кои на интернет биле регрутирани од исламистите во Сирија и кои им се придружиле за да се венчаат со нив.
Претставата доби добри критики и во 2022 година беше наградена со „Златна маска“, главната театарска награда во Русија.
Петицијата за нивно ослободување, која ја покрена независниот весник Новаја Газета, веќе е потпишана од над 3.000 луѓе.
Минатата година Евгенија Беркович објави стихови против офанзивата во Украина. Таа е поранешен студент и соработник на режисерот Кирил Серебреников, кој сега е во егзил во Германија. Беркович е позната по нејзините дела кои ја критикуваат руската моќ и каде се мешаат политиката, религијата и сексуалноста.
Г. Т.