Поранешниот американски претседател Доналд Трамп јавно изјави дека доколку биде избран за претседател, во рок од 24 часа ќе го реши прашањето за војната во Украина.
– Ако повторно станам претседател, таа војна ќе ја решам за еден ден, за 24 часа. И двајцата претседатели, (Владимир) Путин и (Володомир) Зеленски, имаат слабости и силни страни, но ви велам, во рок од 24 часа, таа војна ќе се реши. Ќе биде готово, ќе биде апсолутно готово, рече Трамп во интервју за Си-Ен-Ен.
На прашањето на новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлан Колинс, дали верува дека рускиот претседател е воен злосторник во контекст на војната во Украина, тој не сакаше да одговори. Трамп рече дека тоа е нешто да се разговара подоцна. Сепак, призна дека мисли дека Путин направил грешка.
– Ако кажете дека е воен злосторник, ќе биде многу потешко да се склучи договор за да се запре оваа работа. Ако тој биде прогласен за воен злосторник, луѓето ќе го грабнат и ќе го погубат, тој ќе се бори многу пожестоко отколку под други околности. Тоа е нешто за што ќе разговараме подоцна, истакна Трамп.
Тој, сепак, посочи дека влегувањето на Русија во Украина е грешка.
– Неговата грешка беше што влезе внатре. Тој никогаш немаше да влезе ако јас бев претседател, рече Трамп.
Тој не даде конкретен одговор кого гледа како победник во војната. – Не размислувам за победа и пораз. Мислам дека ќе го поправам тоа за овие луѓе да престанат да се убиваат меѓусебно, додаде Трамп.
Кога новинарот Колинс го прашал по втор пат дали сака да победи Украина или не, републиканецот не одговори директно, туку рече дека сака сите да престанат да умираат.
– Руси и Украинци, сакам да престанат да умираат. И ќе го сторам тоа за 24 часа… Ќе го кажам ова: Сакам Европа да инвестира повеќе пари, рече поранешниот американски претседател во интервјуто за Си-Ен-Ен.