„На 13 април, на роденденот на градоначалникот Марко Колев, двајца пожарникари користејќи службено возило пристигнале во општината и користејќи скала за интервенции при пожари, се качиле на вториот спрат преку тераса во канцеларијата на Градоначалникот, со цел да го честитаат роденденот, носејќи му роденденска торта. Значи, тие ги напуштиле нивните работни места за полтронски да му удоволат на градоначалникот, свесни дека ја загрозиле безбедноста на жителите на Велес доколку во тој период додека се глупирале се случел пожар или некоја друга несреќа за која требало итно да интервенираат“, на прес-конференција објави претседателката на ОО Велес СДСМ, Даница Чадиева.
Таа истакнува дека во општинската зграда се создала паника од вклучените сирени, бидејќи вработените кои не знаеле за што се работи, се исплашиле, претпоставувајќи дека има пожар и дека треба да се евакуираат од општинската зграда.
„Но тоа не го спречило Марко Колев да излезе на терасата и да ги дува свеќите на роденденската торта, со што на крајно безобразен и недоличен начин повторно ја злоупотребил својата функција“, додава Чадиева
Таа на прес-конференцијата ги повикa надлежните органи да покренат постапка по допрен глас и да го истражат случајот, бидејќи, како што рече „градоначалникот како работодавач на територијалната противпожарна единица ја злоупoтребил својата службена положба на начин што ги ставил во функција противпожарните ресурси за приватни цели и потреби, па постојат елементи и основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба“.
Ј. Ѓ.