Речиси 900 луѓе биле егзекутирани во 20 земји во светот минатата година, најголем број од 2017 година, објави невладината организација „Амнести интернешенел“ во својот годишен извештај за смртната казна. Невладината организација забележува дека некои земји се зафатени од „смртоносна хистерија“.
„Бројот на публикувани егзекуции во 2022 година е најголем во изминатите пет години, а рекордот главно се должи на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка“, посочува Амнести интернешнал.
Организацијата за човекови права објави за 883 егзекуции во 20 земји лани, што е 53 отсто повеќе во споредба со 2021 година.
Според АИ, бројот на егзекуции во Иран во 2021 година бил 314, а минатата година – 576. Во Саудиска Арабија минатата година биле извршени трипати повеќе егзекуции (196) во споредба со 2021 година. Египетските власти погубиле 24 лица минатата година, според извештајот.
Амнести интернешнал забележува дека реалниот број на егзекутираните минатата година може да биде поголем, бидејќи некои земји кои применуваат смртна казна не објавуваат податоци за тоа прашање.