Имавме серија претседатели и премиери од земји членки на ЕУ кои кажаа дека евроинтеграцијата нема и не смее да го загрози идентитетот и јазикот, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Канал 5 телевизија.
Тој очекува многу скоро една од најмоќните држави членки на ЕУ да направи голем чекор и да даде гаранции дека нема да биде посегнато по јазикот и идентитетот за време на евроинтегративниот процес, но не сподели детали.
Прашан за евентуално ново вето од Бугарија, доколку се спроведат уставните измени, тој кажа дека не очекува вето до зачленувањето во Европската Унија ако се запазуваат критериумите од преговарачката рамка.
-Од работата на Мешовитата историска комисија не може да се вадат услови за преговорите. Условите ги вади Европската Комисија. Ќе се цени генералниот успех на добрососедските односи, истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека за уставните измени ќе течат разговори со пратениците и очекува промената на Уставот да се случи со најмалку 80 гласови „за“.