Спротивставувањето на уставните измени и со тоа попречувањето на патот на Северна Македонија кон ЕУ, може да ја изолира ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект, оценуваат познавачите на политичките случувања во земјата. Според нив, покрај ова, и игнорирањето на повиците на меѓународниот фактор за компромис меѓу опозицијата и власта за прашањето за интеграцијата на државата, може да има уште посериозни последици за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.
„Веројатно, ќе биде изолиран, доколку го сруши францускиот предлог, и пропадне предвидениот европски пат на Македонија со тоа што и да победи, ќе нема да може да направи влада со кој било етничко албански партнер и да формира идна владина коалиција. Наскоро ќе видиме дали ќе направи пресврт во неговите ставови, за да би бил во можност еден ден да дојде на власт неговата политичка партија или ќе оди во изолација, како етикетиран политичар и партија која одработува за руските, наместо за европските и американските интереси во регионот на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија“, изјави за Фронтлајн, политикологот Благојче Атанасоски.
Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии и развој – „ИССД-Македонија“ вели дека САД нема да го прогласат Мицкоски „нон грата“ во овој момент. На САД им треба како играч за уставните измени, но и потоа.
„Се уште е рано да се зборува за санкции кон опозицијата. Време е САД и ЕУ да влијаат врз македонската опозиција за уставните измени. САД и ЕУ воведуваат санкции според потребата и безбедносната динамика. Моментално не гледам такво нешто до есен“, изјави Ибраими за Фронтлајн.
Од друга страна, претставниците на дипломатскиот кор во земјата едногласно побараа итно да се одобрат неопходните уставни измени за Северна Македонија да може без пречки да го продолжи своето европско патување.
Странски дипломати, меѓу кои и амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД), Ангела Агелер, иако имаат неформални средби со лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски, „одбиваат“ да се фотографираат со него. Дали ова може да биде почеток на санкција против Мицкоски?
Единствено, Мицкоски во интервју за „360 степени“ со новинарот Васко Попетревки, изјави дека имал неформални средби со амбасадорот Агелер, но не посочи колку средби имал.
„Имав средби…“, рече Мицкоски. На прашањето зошто нема фотографии и соопштение од „Белиот дворец“ за овие средби, Мицкоски одговори дека не сакаат тие да се претворат во циркус. Така што за Мицкоски средбите со американскиот амбасадор испаѓаат дека се циркус.
„Нема да дадам конкретен одговор на ова прашање. Зошто не? Затоа што ценам дека соопштенијата и фотографиите од средбите со претставниците на дипломатските претставништва да не бидат пи-ар или циркуски атракции. Најважна е суштината за која комуницираме. Имав средби со амбасадорката Агелер, од затворен карактер, и нормално нема да кажам ништо во ова интервју“, рече меѓу другото Мицкоски во интервјуто.
Дестан Јонузи