Летовите во Шенген зоната досега се третираа како домашни летови. Но, според предлогот на Европската комисија, тоа наскоро треба да се промени.
Досега немаше контрола на документи на домашни летови и летови во рамките на Шенген зоната, ако не се земе предвид контролата на личните документи кои компаниите ги контролираат при качување во авион. Но, наскоро овие контроли би требало да бидат посериозни. Како што пренесува неделникот „Шпигел“, во иднина авиокомпаниите треба да собираат т.н. API податоци, односно информации за идентитетот на патникот и да ги испратат до властите, пишува Дојче веле.
Иако, според нацрт-законот што го подготви Европската комисија, не се работи за класични контроли кои ги врши граничната полиција, туку персоналот на авиокомпаниите, сепак се стравува дека на крајот се ќе се сведе на класичната „предшенгенска“ контрола со долги редици и губење време.
„Времињата кога едноставно одевме до гејтот и полетувавме, се зад нас“, песимистичен е претставникот на германската Либерално-демократска партија (ФДП) во Европскиот парламент, Јан-Кристоф Отјен. Тој очекува дека сите патници, дури и оние кои патуваат само со рачен багаж, ќе мора да ја скенираат личната карта или пасошот на шалтерот за пријавување.
Либералниот политичар е убеден дека контролата на документите ќе се врши на самиот шалтер, а не при влегувањето во авионот. „Компаниите стравуваат дека откривањето проблеми со документите само за време на влегувањето во авион може да доведе до големи застои“, смета либералниот политичар.
Г. Т.