Нови резолуции се очекуваат и од други стратешки партнери на Северна Македонија, како онаа на германскиот Бундестаг за поддршка на македонскиот јазик и култура, дознава „Фронтлајн“ од дипломатски извори. Од друга страна, неопходните уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата, останаа во неизвесност, како резултат на неодговорноста на македонската опозиција.
Од Министерството за правда за „Фронтлајн велат дека предлог-иницијативата за уставни измени е во владина процедура од минатата недела и најверојатно утре ќе биде разгледан и одобрен од Владата.
– Република Северна Македонија е решена да ги спроведе обврските кои се преземени во рамките на пристапните преговори со ЕУ што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција одржана на 19 јули 2022 година. Уставните измени отвораат можност за успешен почеток за отворањето на преговорите и првото поглавје за членство во ЕУ. Ова е неповратен процес, кој нема алтернатива. Поддржан е од општеството и е вин-вин процес, кога во овие геополитички турбулентни времиња станува јасно дека на Европа и е потребен регионот, и на регионот му е потребна Европа, велат од министерството за правда за „Фронтлајн“.
Претседателката на работната група за уставни измени Маргарита Цаца Николовска за „Фронтлајн“ изјави дека се чека одлука на Собранието.
„Ако помине предлогот тогаш групата ќе продолжи да работи“ – нагласи таа.
Универзитетската професорка Ана Чупеска оценува дека македонската опозиција треба да биде задоволен од овој вид гаранција, и сличните на нив, како онаа од Европскиот Парламент која е врзана и со 2030 година.
– Мислам дека треба да биде задоволен од овој вид гаранција, и сличните на нив, како онаа например од Европскиот Парламент која е врзана и со 2030 година. Иако, демонстрираше непотребна резерва кон овие гестови, сепак за ВМРО ДПМНЕ свативме дека не лобирале за подршка на Резолуцијата кај своите сестрински партии од Бундестагот. Тоа е неодговорно, изјави за „Фронтлајн“ – професорката Чупеска.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) за „Фронтлајн“ велат дека не престанале напорите за европската иднина на земјата и дека континуирано работат на изнаоѓање политички компромис за продолжување на ова стратешко патување на државата.
Иако и власта и опозицијата ја поздравија Резолуцијата за поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура, која беше усвоена во германскиот Бундестаг, сепак, наместо документот да биде добра основа за опозициската ВМРО-ДПМНЕ да размислува и да ги поддржи уставните измени, таа продолжи со своите обвинувања по власта, иако со Резолуцијата се штити македонскиот идентитет и јазик.
СДСМ му се заблагодари на Бундестагот на Германија за донесената Резолуција. Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, рече дека Резолуцијата е поддршка за европскиот пат на државата.
– За жал, ДПМНЕ, освен блокадите, ништо не направи ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту за оваа резолуција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да се срамат од себе. Дотолку повеќе што нивните сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврдување на македонскиот јазик, култура и идентитет, рече Каевски.
За шефот на дипломатијата Бујар Османи, Резолуцијата е само симболична потврда на она што формално е во Преговарачката рамка.
Политикологот Благојче Атансоски смета дека летово, веќе треба да се отвори Уставот со 2/3 мнозинство на пратеници кое сега власта го нема.
– Овие резолуции од влијателни земји членки на ЕУ за потврда и еден вид гаранција на македонскиот посебен идентитет и јазик одат во таа насока-како суптилна порака и притисок до лидерот на опозицијата. Сепак, на крајот, се ќе зависи од неговата лична одлука, бидејки тоа е султан партија, и не верувам дека овој пат ќе има одметнати 8-10 пратеници кои ќе гласаат спротивно од ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Атансоски во изјава за „Фронтлајн“.
Резолуцијата на пратениците им ја презентираше државниот секретар за Европа во германското МНР, Ана Лирман, која доаѓа од редовите на „зелените“.
„Со оваа резолуција оддаваме длабока почит кон македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, рече Лирман.
Таа додаде дека измената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.
Дестан Јонузи